Алармантно – 45 000 пациенти во октомври не се појавиле на закажаниот преглед

Само во месец октомври, околу 45 илјади пациенти не дошле на закажаниот термин, а неискористени останале вкупно 48,795 веќе закажани термини. Исто така, од почетокот на годината, досега неискористени останале вкупно 672,732 упати, а на закажан преглед не дошле 420,103 пациенти, покажуваат податоците од Мој Термин.

Со ова, на здравствениот систем неоправдано му се потрошени 168,180 часа од почетокот на годинава, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Инаку, бројката на приоритетни упати за месец октомври изнесува околу 60 илјади упати. Оваа бројка би била двојно помала доколку термините биле навреме откажани.

На пример, на ортопедија каде има најмногу пациенти и подолга листа на чекање во Скопје (во просек над 20 дена) – во рок од 10 месеци не се искористиле 27,000 термини, просечно по 2,700 месечно. Ако се смета дека еден доктор ортопед прегледува по 24 пациенти дневно два пати неделно (останатите денови или оперира или е дежурен на одделение) гледано математички беспотребно биле зафатени термини кај 14 доктори ортопеди во еден месец, кои доколку би ги имале на располагање листите на чекање би се намалиле на максимум 2 дена.

Во контекст на приоритетните упати, кои се издаваат без точно време за преглед и важат 7 дена, тоа практично не враќа во времето кога не се знаеше кој пациент кога ќе биде примен и сериозно размислуваме ова да го решиме.

Друг важен аспект на кој сакам да се осврнам и да иницирам дебата во јавноста, е дали е етички и културно да се закажува термин кај доктор, а потоа без навремено откажување на терминот, пациентот да не се појави на прегледот, вели Тодоров.
Тука станува збор и за пациенти кои повеќе пати во ист месец не се појавиле на закажаниот преглед. На пример, пациентка на 72-годишна возраст од Скопје – општина Кисела Вода, само од почеток на месец октомври до денес не се појавила на 9 закажани термини, од кои последниот закажан термин на кој не дошла на преглед бил на 06.11.2014.

За истиот период (од почетокот на месец октомври) пациентка на 37-годишна возраст од Велешта не дошла 8 пати на закажан термин, а последниот закажан термин бил на 22.10.2014.

Од почетокот на оваа година па се до денес,  пациентка на 58-годишна возраст од Скопје – општина Чаир и пациентка на55-годишна возраст од општина Сопиште не дошле вкупно 21 пат на закажан термин.

Од почетокот на функционирањето на системот, евидентирано е дека 45-годишна пациентка од општина Кисела Вода не дошла вкупно 30 пати на закажан термин за преглед, а 32-годишна пациентка од општина Арачиново вкупно 29 пати не дошла на закажан термин.

За споредба, сакам да посочам странски примери на справување со ваква појава во системот. На пример, во Германија, постои казна и се наплаќа за непојавување на закажан термин – доколку не се откаже терминот за колоноскопија минимум 2 дена однапред, тогаш се наплаќа како приватна колоноскопија. Но, доколку пациент навремено  го откаже својот закажан термин, каде ја наведува и причината за тоа, во тој случај не плаќа никакви казни.
Во Белгија доколку пациентот не се појави на лекар или стоматолог, и навремено не го откаже терминот за преглед, лекарот може да му ја наплати услугата приватно. Закажаниот преглед може да се откаже најдоцна во рок од 24 часа пред терминот. Понатаму, во Шведска – основна препорака е дека секој закажан термин на кој пациентот не може да се јави благовремено треба да биде откажан. Таму се наплатуваат дури и консултантските услуги, доколку закажаниот термин не се откаже најмалку два часа пред истекот на работното време претходниот ден. Ако не се откаже благовремено закажаниот термин, онаа здравствена услуга којашто би требало да е бесплатна ќе се наплати според регуларниот ценовник. Исто така, во Данска има регулатива (закон) за недоаѓање на закажаните термини уште од 2004 година,а казната за непојавување на преглед е околу 70 евра, а за ненавременото откажување на лекарски преглед се наплаќа и во Канада. На овој начин покажуваме кои реперкусии би ги имале пациентите кога би живееле во овие странски земји.
На крајот, сакам да посочам дека загубата на здравствениот систем за овие изгубени часови од неискористени термини изнесува над 13 милиони денари, односно околу 217 илјади евра. Станува збор за голема сума, која во спротивен случај би останала во здравствениот систем и овие средства би се искористиле за негово подобрување.

Токму затоа, уште еднаш апелирам за навремено откажување на термините, со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање на СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат.

Од друга страна, бројот на доктори кои доцнеле трипати или повеќе од трипати доцнеле подолго од 1 час на првиот закажан преглед во месец октомври е значително намален, во однос на месец септември. Во септември се детекторани 162 доктори кои доцнеле и за сите се поведени дисциплински постапки, како што сме информирани од директорите на ЈЗУ, додека за месец октомври бројката на доктори кои доцнеле на првиот преглед е за 4 пати помала и сега изнесува 40 доктори, што значи сме ги постигнале саканите ефекти.

zdravstvo24.mk