Алсат М-ТВ: Уште една сестра си заминува од Инфективната клиника

Уште една медицинска сестра ја напушта Клиниката за инфективни болести во Скопје, објавува Алсат М ТВ.  Станува збор за медицинската сестра Ирена Попкочева, која не сакала да ја коментира нејзината одлука по телефон.

Сепак, како што објавува телевизијата, уште некои други нејзини колеги на одделот за пациенти со Ковид-19 на Клиниката за инфективни болести се на работ да дадат отказ. И покрај притисокот да не се објави ситуацијата во клиниката, друга медицинска сестра се обратила до „Алсат. Таа во услови на анонимност зборува за бројните проблеми.

Како бројка се намаливме, имајќи предвид дека не го искористивме ниту годишниот одмор, ситуацијата стана неподнослива како меѓу колегите, така и во однос со лекарите. За ситуацијата да стане уште полоша, секое одење на работа беше под стрес, со мобинг, навреди, недолично однесување дури и од некои пациенти – вели медицинската сестра од Клиниката за инфективни болести.

Некои од медицинските сестри велат дека дури и биле заразени од директен контакт со пациентите за кои се грижат 8 часа на ден. Покрај здравствените последици, тие се жалат и на психички последици.

Овие искуства веќе почнаа психички да не уништуваат 90% од медицинските сестри. Парите што ги добиваме од дежурствата мора да ги потрошиме за миење и дезинфекција по дома. Има и случаи кога работат две лица од исто семејство,  тоа значи дека трошиме се за да го зачуваме нашето здравје, со купување шампони и средства за дезинфекција – вели анонимна медицинска сестра од Клиниката за инфективни болести.

По отказот на трите медицински сестри минатата недела, медицинските сестри се жалат дека само две од нив се грижат низ целиот оддел давајќи им терапија на пациентите и сите други третмани.

За да продолжи битката против пандемијата, медицинските сестри на Клиниката за инфективни болести бараат итно подобрување на условите за работа .

Извор: Алсат М-ТВ   05.10.2020