Анкета: 89,5 % од новинарите работат многу повеќе од законски утврдените 40 работни часа

Во рамки на проектот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ “Синдикат до синдикат“, од Меѓународната федерација на новинарите, направена е анкета на 87 новинари во дигитални медиуми при што како фокус група се анкетирани млади новинари со просечна возраст од 35 години, вработени и хонорарци. Од нив, 56,3 проценти жени, 43,7 проценти мажи. Нивното просечно работно искуство изнесува 12 години, и во просек работеле во четири медиуми.

Според анкетата која е направена во 2018 година, 25,3 отсто од новинарите се изјасниле дека не се осигурани, 4,6 отсто рекле дека не знаат дали се осигурани, односно дали им се плаќаат пензиските и социјалните придонеси.

„Загрижува што 18,3 отсто од оние кои работат рекле дека не знаат, ниту пак прашале на која висина на плата се пријавени, а 5,7 отсто одговориле дека платата ја примаат на рака. 67,8 отсто одговориле дека никаде не им се евидентира нивното работно време, додека 77,1 отсто од анкетираните новинари изјавиле дека за работењето за време на викенд или празник, ниту им се плаќа празнична дневница, ниту имаат слободни денови. Само 1,2 отсто од новинарите одговориле дека добиваат паричен надомест – им се исплаќа дневница за прекувремена работа. Тоа е така, иако значителни 89,5 проценти одговориле дека имаат дежурства за време на викенд или празник, односно, во текот на работната недела работат многу часови повеќе од законски утврдените 40 часа“, пишуваат од ССНМ на нивната веб страна.

Според анкетата, висок е процентот на новинарите со високо или више образование, и тоа со факултет по новинарство, што секако е позитивен податок. 51,8 отсто од нив одговориле дека имаат диплома за високо или за вишо новинарско образование. Сепак, и покрај тој факт, многу е висок процентот на новинарите кои се незадоволни од висината на својата плата. 74,4 отсто одговориле дека не се задоволни од платата која ја земаат, а која во просек изнесува 18,348 денари или околу 300 евра.

80,5 отсто од испитаниците рекле дека платата им се исплаќа до 15 во месецот, 9,2 отсто дека им доцни исплатата, а дел од нив или 10,3 отсто одговориле дека не знаат кога ќе им биде исплатена платата. Платата во најголем дел се исплатува на трансакциска сметка. Така одговориле 86,2 отсто од анкетираните.

36,8 отсто од новинарите рекле дека се вработени на неопределено време, додека 34,5 се изјасниле дека имаат договор на определно време, во просек на 7 месеци и тоа најмногу со авторски договор. Исто така, дека хонорарно работат одговориле 46,5 отсто од новинарите, а при тоа, без никаков потпишан договор.

„Дека во овој случај станува збор за очигледна злоупотреба од страна на работодавачите, зборува фактот дека, според член 13 од ЗРО, работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи, во Агенцијата за вработување, како и бројот на договор. Работникот, пак, не може да стапи на работа пред да се склучи договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување“, истакнуваат од ССНМ.

Извор: rabotnik.com.mk Oct. 26, 2019 at 2:16 pm