Болест предизвикана од коронавирус 2019 – COVID-19

COVID-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2, вирус од фамилијата Коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување.

Преносот од човек на човек е можен, преку допир и преку капков пат (кивање, кашлање и слично).

Kоронавирусите (CoV) се големо семејство на вируси, некои предизвикуваат болест кај луѓе, a други кружат меѓу животни, вклучително камили, мачки и лилјаци.

Ретко, коронавирусите кои кружат меѓу животните можат да заразат луѓе, а потоа да се шират меѓу луѓето, како што е пример со MERS-CoV, SARS-CoV и сега со новиот коронавирус (именуван SARS-CoV-2).

Болестите предизвикани од коронавирусите се движат од обична настинка до фатална респираторна болест.

Коронавирусите се предизвикувачи на значителен процент од обичните настинки кај луѓето и се пренесуваат на сличен начин, пред се преку респираторни капки.

Во моментов има седум познати видови на човечки коронавируси, од кои вообичаени кај човекот се: HCoV-229E (алфакоронавирус), HCoV-NL63 (алфакоронавирус), HCoV-OC43 (бетакоронавирус), HCoV-HKU1 (бета коронавирус). Овие коронавируси постојано кружат во човечката популација, предизвикувајќи респираторни инфекции кај возрасни и деца ширум светот.

Другите три човечки коронавируси се: SARS-CoV (бетакоронавирус), MERS-CoV (бетакоронавирус) и новиот SARS-CoV-2 (бетакоронавирус).

Коронавирусите се зоонотични, што значи дека се пренесуваат помеѓу животните и луѓето. Деталните истражувања откриле дека САРС-КоВ на луѓето го пренеле цивет мачки, а Мерс-КоВ на луѓето го пренеле едногрби камили. Неколку познати коронавируси кружат кај животни кои сè уште не ги заразиле луѓето.

Новиот коронавирус е откриен во градот Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година. Денес, вирусот е раширен во повеќе од 140 земји, а Светската здравствена организација на 11 февруари 2020 година го именува како тежок акутен респираторен синдром коронавирус 2 (САРС-КоВ-2) – severe acute respiratory syndrome coronavirus 2 (SARS-CoV-2).  Припаѓа на истото семејство вируси, како САРС корона вирусот (SARS CoV) и МЕРС корона вирусот (MERS-CoV), кои во неодамнешното минато доведоа до смртоносни епидемии.

Болеста предизвикана од новиот коронавирус е наречена болест предизвикана од коронавирус 2019 – coronavirus disease 19 (COVID-19).

На 31 декември 2019 година, кинеските власти ја известија Светската здравствена организација (СЗО) за епидемија на пневмонија во градот Вухан, која подоцна беше класифицирана како нова болест: COVID-19.
На 30 јануари 2020 година, СЗО ја прогласи епидемијата на COVID-19 за Итна здравствена заштита од меѓународен интерес – Public Health Emergency of International Concern (PHEIC).

На 11 март 2020 година, раширеноста на COVID-19 од страна на СЗО беше окарактеризирана како пандемија.

Вообичаени  знаци на инфекцијата се: респираторни симптоми, температура, треска, кашлица, краток здив и тешкотии во дишењето. Во потешки случаи, инфекцијата може да предизвика пневмонија, тежок акутен респираторен синдром, откажување на бубрезите, па дури и смрт.

Комплетната клиничка слика на COVID-19 не е во целост позната. Пријавените клинички симптоми се движеле од многу благи (вклучително и некои без пријавени симптоми) до сериозни, вклучително и болести што резултирале со смрт.

Додека информациите сугерираат дека повеќето COVID-19 се со блага клиничка форма, известувањата надвор од Кина укажуваат на сериозна болест кај 16% од случаите. Постарите и луѓето со тешки хронични состоби – како што се срцеви заболувања, белодробни заболувања и дијабетес, на пример, се чини дека се изложени на поголем ризик од развој на сериозна болест.

Периодот на инкубација на вирусот е најмногу 14 дена, во кој заразените лица не покажуваат симптоми, но можат да го пренесат вирусот на други лица.

Следниве симптоми може да се појават 2-14 дена по изложеноста:

Температура
Кашлица и кивање
Скратен здив

Алармантни знаци за сериозна состојба вклучуваат:

Треска и висока температура                                                                                                                            Тешка кашлица                                                                                                                                                    Тешкотии при дишењето или останување без здив
Постојана болка или притисок во градите
Конфузност или поспаност
Модри усни или лице

Болеста може да предизвика сериозни компликации, кои можат да ја нарушат функцијата на органите за дишење, кардиоваскуларниот систем и бубрезите. Болеста може да варира од лесна до тешка форма со можен фатален исход. Лекувањето е симптоматско. Нема достапна вакцина за превенција на ова заболување.

Се смета дека вирусот во главно се шири од особа на особа, помеѓу лица кои се во близок контакт  (на растојание до 1,83 метри). Ширењето е преку респираторни капки при кашлање или кивање. Овие капки можат да стигнат до устата или носот на луѓето кои се во близина или евентуално да се вдишат во белите дробови. Се смета дека луѓето се најзаразни кога се со најизразени симптоми. Иако поретко, има известувања за ширење на вирусот и пред луѓето да покажат симптоми.
Можно е некое лице да добие COVID-19 со допирање на површина или предмети кои имаат вирус на нив, а потоа со допир на сопствената уста, нос или евентуално очите, но ова не се смета дека е главниот начин на кој вирусот се шири.

Вирусот што предизвикува COVID-19 се чини дека се шири лесно и одржливо во заедница („ширење во заедница“) во некои погодени географски области. Ширењето во заедницата значи дека луѓето се заразени со вирусот во некоја област, вклучително и некои кои не се сигурни како или каде се заразиле.

Стандардни препораки за спречување на ширење на инфекција вклучуваат: редовно миење на рацете, покривање уста и нос при кашлање и кивање, соодветно готвење месо и јајца, избегнување близок контакт со секој што покажува симптоми на респираторни заболувања, како што се кашлање и кивање.

Сè уште не се знае колку е заразен или смртоносен новиот коронавирусот. Но, во споредба со САРС и МЕРС, САРС-КоВ-2 се шири неверојатно брзо.

Додека од појавата на МЕРС беа потребни околу две и пол години за да се заразат 1.000 луѓе, а од појавата на САРС беа потребно приближно четири месеци, болеста предизвикана од коронавирусот 2019 ја достигна таа бројка за само 48 дена.

Тековните бројки говорат дека новиот коронавирус е значително помалку вирулентен од останатите коронавируси.

Иако сегашната епидемија доведе до над 5.000 смртни случаи – пет пати повеќе од САРС – нејзината глобална стапка на смртност е околу 3,4 проценти; за споредба, стапката на смртност за САРС беше околу 10 проценти, а стапката за МЕРС беше околу 35 проценти.

Ризични групи за компликации и тешки форми на заболувањето се: постари возрасни лица, лица со хронични заболувања и/или коморбидитети, имунокомпромитирани состојби (на пр., дијабетес, срцеви заболувања, терапија со имуносупресивни лекови, хронично заболување на белите дробови, хронично заболување на бубрезите).

Пациентите со полесни симптоми треба да се лекуваат во домашни услови со самоизолација и во комуникација и надзор од страна на матичниот доктор. Пациентите кои имаат сериозни симптоми, како што е отежнато дишење, треба веднаш да се згрижат во соодветна болничка установа. Постарите пациенти и лицата кои имаат хронични заболувања или се имунокомпромитирани, треба да се јават кај својот лекар веднаш, дури и при појава на лесни симптоми на болеста.

До сега, повеќе од половина од луѓето кои биле позитивни на коронавирусот целосно закрепнале.

Во моментов нема вакцина за спречување на болеста предизвикана од коронавирусот 2019 (COVID-19).

Најдобар начин да се спречи болеста е да се избегне изложеност на овој вирус.