Докторите одат во пензија, нема кој да ги замени

Македонија има возрасни, постари лекари. Од околу 6.000 што имаат лиценца од Лекарската комора, во наредните шест години ќе се пензионираат речиси една петтина, или точно 1.271 лекар. Кај нас нема проблем со бројот на студенти што сакаат да студираат медицина, меѓутоа специјалистите ни ги снемува во образовниот систем или стануваат дел од бранот „светски докторски одлив на мозоци“

podrzano1

Немаме доволно млади специјалисти

Скопската градска болница „8 Септември“ ќе мора да затвора хируршки сали ако во наредните три години не најде да вработи најмалку пет анестезиолози. Тоа значи дека во една од најпрометните јавни здравствени установи ќе се одложуваат операции, ќе се зголемуваат листите за чекање и ќе се прават метежи.

Анестезиологијата е само една област во која ни фалат доктори-специјалисти во јавното здравство. За да има кој да помага во иднина ни требаат многу доктори од повеќе области. Македонија има возрасни, постари лекари.
Од околу 6.000 што имаат лиценца од Лекарската комора, во наредните шест години ќе се пензионираат речиси петтина – 1.271 лекар.

Кај нас нема проблем со бројот на студенти што сакаат да студираат медицина, меѓутоа специјалистите ни ги снемува во образовниот систем или стануваат дел од бранот „светски докторски одлив на мозоци“. Македонија не ја заобиколува светската миграција на лекарите, а нивната професија, се шегуваат, станува „номадска“. Државата презема низа мерки за да се надомести недостигот од кадар што ќе ги лекува луѓето, а и планира нови. Колку ќе се спротивстави на светските трендови останува да покаже времето.

Се бараат анестезиолози, уролози, патолози…

Идната година во скопската градска болница ќе се пензионираат двајца анестезиолози, а до 2017 година уште тројца. Директорот на установата,       Проф. д-р Сашо Стојчев, вели дека досега не може да најдат нов ваков кадар, зашто е дефицитарен на пазарот. Тие испратиле и барање за десет нови вработувања.

– Подготвени сме да им доплатиме специјализации на некои што приватно си специјализираат и да ги вработиме. Ние отвораме нови хируршки сали. Доколку нема доволно луѓе да работат во нив, ќе мора да ги затвораме – вели професорот.

Проблем со кадар може да се појави во други градови низ државата. На пример, во Делчево работи еден педијатар. Освен интернисти, како што вели д-р Соња Мавродиева-Георгиевска од Здружението на приватни лекари, повеќето специјалисти во градот се на неколку години пред пензија. Последните години, пак, таму нема нови специјализации.

Анализата на Министерството за здравство покажала дека имаме доволно општи, но ни недостигаат специјалисти по анестезиологија, гинекологија, патологија и урологија. Во минатите години се доделувани мал број државни специјализации, а исто така не е водено сметка за нивниот правилен распоред според потребите.

Сега, објаснува деканот на Медицинскиот факултет, проф.д-р Никола Јанкуловски, државата има план и петгодишна програма за специјализации, врз основа на потребите по градовите. За приватните специјализации, оние што лекарите сами ги плаќаат, одлучуваат тие сами.

На Медицинскиот факултет во Скопје годишно на општа медицина се запишуваат 280 студенти.

 

podrzano2
Секој пензиониран доктор треба да биде заменет од два-три или повеќе млади доктори

 И еден заминат е многу

Д-р Ленче Нелоска, потпретседателка на Лекарската комора, објаснува дека една третина од лекарите во земјава се стари од 55 до 65 години, а една четвртина се стари од 45 до 55 години.

– Имаме стара популација на лекари. Тоа мислам дека не е само наш проблем туку на многу држави во светот. Генерално опаѓа интересот за студирање медицина. Студиите се тешки, напорни и долги, а валоризацијата на трудот е намалена за сметка на други професии, како на пример информатика. Во исто време има светска миграција на докторите, кои не заминуваат само поради повисоки плати туку и поради можноста да работат во најдобрите болници – вели д-р Нелоска.

Токму поради тоа, додава, неопходна е добра стратегија, за да се задржат лекарите.
– И еден заминат доктор е многу – вели нашата соговорничка.

Грижливо и мудро кроење на политиката

Кадровската политика во здравството е суштинска работа, смета проф. д-р Андреја Арсовски, стручен директор на првата приватна општа болница „Ре-Медика“.

– Патот да се стане добар специјалист е макотрпeн и долгогодишeн. Прво е битна добрата селекција на кадри, внимателно планирање, стимулација и организација на едукаторите и секако финансиското наградување, како и општественото признавање. Сето тоа бара голема мудрост и познавање – вели професорот.

Од друга страна, објаснува, имаме и одлив на кадри, кој ќе биде тренд и во иднина.
– Поради тоа одговорните треба грижливо и мудро да ја кројат политиката во здравството. Во спротивно ќе имаме сериозни проблеми – додава проф. Арсовски.

Илјада нови вработувања

Од Министерство за здравство велат дека во континуитет преземаат активности за унапредување на работата на здравствените установи, со посебен акцент на обнова и зајакнување на медицинскиот кадар, како и нивна доедукација во реномирани центри во странство, обезбедување голем број нови специјализации во земјава и во странство, како и ангажирање пензионирани професори од земјава и од странство.

– За зајакнување на кадарот од 2012 до 2014 година се реализирани 1.000 нови вработувања во сите јавни здравствени установи (доктори, сестри, болничари, рендген-техничари, лаборанти и слично). Министерството и понатаму ќе продолжи во зајакнување на кадровските капацитети во сите јавни здравствени установи во согласност со нивните потреби – велат од Министерството.

За да се обнови и зајакне здравствениот кадар во јавното здравство, Министерството распишува и огласи за изразување интерес на доктори-специјалисти вработени во приватните здравствени установи што сакаат да преминат да работат во јавните здравствени установи. Во тек е трет оглас за преземање лекари, а досега се вработени 120 „готови“ специјалисти. Во согласност со потребите на здравствените установи, како што велат оттаму, отворени се поголем број нови кабинети и воведено е двосменско работење во повеќе установи.

За да се покриеме со кадар, обезбедени се и нови специјализации, од кои 362 се доделени во учебната 2013/2014 година, што е значително повеќе од претходните години, кога се доделувале само по педесетина годишно, објаснуваат од Министерството.

– Годинава првпат почна и процес на испраќање 70 доктори на специјализација во странство во реномирани медицински центри во Германија (Нирнберг и Хамбург), Србија, Хрватска и во Словенија. Тие се за повеќе различни медицински области, меѓу кои: кардиохирургија, торакална хирургија, дигестивна хирургија, васкуларна хирургија, неврохирургија, анестезиологија, гинекологија и акушерство, гастроентерохепатологија, офталмологија, оториноларингологија, ортопедија, трауматологија, неврологија, радиологија, урологија, дигестивна хирургија, педијатрија и неонатологија – информираат оттаму.

Досегашното искуство, објаснуваат од Министерството, говори дека нововработените доктори се млади и имаат голема желба за едукација. Во рамките на Програмата за доедукација и обука годинава ќе бидат испратени на дообука уште 500 лица за дијагностички и терапевтски интервенции во реномирани медицински центри во странство.

– Целта е со планирано доедуцирање на медицински персонал во определените области да се издигне нивото на овие услуги во јавните здравствени установи, со што би станале конкурентни на познатите центри – велат оттаму.

Ангажман за лекарите во пензија

Годинава ќе продолжи проектот за ангажирање пензионирани професори низ здравствените установи во Република Македонија. Проектот се однесува на пензионирани професори што се согласуваат своето непроценливо знаење и искуство да ги стават на располагање на нашиот здравствениот систем. На ваков начин придонесуваме системот да не ги загуби компетенциите и знаењата на овие експерти. Овие веќе докажани доктори-професори главно се распоредени во внатрешноста на Македонија, односно надвор од своите матични институции, за унапредување на квалитетот и стандардите на здравствените услуги што се даваат во здравствените установи низ целата земја.

Исто така се овозможи установите да потпишуваат договори според кои еден лекар-специјалист неколку дена во неделата би работел на место каде што нема таков кадар а има пациенти за него.

– Целата реформа со новите вработувања, новата опрема и континуираната едукација се во насока на навремено обезбедување млад кадар на местото на докторите што ќе заминат во пензија, односно за секој пензиониран доктор да има не само еден туку повеќе доктори што ќе го заменат во обезбедувањето нови здравствени услуги, методи и интервенции – велат од Министерството.

Каде одат докторите?

Словенија и Германија и скандинавските земји се најчестите дестинации каде што се обидуваат да заминат македонските лекари. Од овие простори за нив најинтересни се европските земји. За да може да работат во странство, тие забрзано учат јазици. Решаваат да си заминат главно помлади лекари, а и такви најчесто бараат во болниците во странство.

Големиот број земји од ЕУ исто така се соочуваат со голем недостиг од кадри во здравствените системи и се обидуваат да ги пополнат своите слободни работни места. Додека лекарите од овој регион заминуваат таму, докторите од развиените европски држави мигрираат во САД, Канада и во Австралија.

Неодамна и хрватските лекари алармираа дека немаат доволно млади колеги. Имено и Хрватска се соочува со стара популација лекари, кои често мора да работат и по пензионирањето.

И лекарите бараат работа

Во мај годинава во Агенцијата за вработување активно барале работа 209 лекари, додека како невработени – пасивни биле заведени 149. Истовремено, вели д-р Нелоска, активно барале работа 43 специјалисти, а пасивни биле 25.
Во мај имало и четворица невработени магистри, кои активно барале работа и еден доктор на науки – пасивен.