Увид во студијата Ковид-19 во Германија

Германија спроведува едно од најголемите истражувања за тоа како се шири Ковид-19.  Првичните  резултати говорат за улогата на собирите и настаните во ширењето на вирусот и прикажуваат како ќе изгледаат следните шест до девет месеци.  

Хендрик Стрик, професор по вирологија и директор на Институтот за вирологија и истражувања на ХИВ на Универзитетот во Бон е задолжен од локалната власт на една од најтешко погодените области во Германија со Ковид-19 да спроведе студија за тоа како се шири болеста. Студијата се одвива во областа Хајнсберг на изолиран примерок од 1.000 лица. 

Во последните неколку недели Хендрик Стрик и неговиот тим завршија значителни истражувања спроведени преку анкети и истраги во домовите низ целиот регион Хајнсберг наречен „Германски Вухан“ – каде што се пријавени повеќе од 1.400 случаи. Малото село Хајнсберг, веднаш до границата со Холандија, е најтешко погодената област во Германија со Ковид-19. Во целиот регион Хајнсберг има 250.000 жители и 46 смртни случаи поврзани со коронавирусот.  

Говорејќи за медиумите на 7 април, Хендрик Стрик ги сподели првичните наоди од работата на неговиот тим за искоренување на изворите на Ковид-19 со проучување на жителите на Хајнсберг, „епицентарот“ на избувнувањето на Ковид-19 во Германија, а зборуваше и за потенцијалните планови за една земја постепено да се врати во нормален живот.

Студијата спроведува неколку проверки кои детално проучуваат начинот на кој луѓето се заразуваат, земаат брисеви од грлото, прават тестови за антитела, ги следат движењата и ги анализираат предусловите. 

Прелиминарните резултати се изнесени во интервју за Франкфуртер алгемајне, пришто има добри и лоши вести.

Добрата вест е дека нема докази дека вирусот се шири од активности како одење по намирници или јадење во ресторани. Доколку се потврди, тоа би значело дека би можеле да се вратиме во живот, и земјите може да применат помалку рестриктивни ограничувања. 

– Нема значителен ризик од зараза од болеста кога одите да купувате. Кога зедовме примероци од рачките на вратите, телефоните, тоалетите, не беше можно да се култивира вирусот во лабораторијата врз основа на овие брисеви – вели докторот.

Лошата вест е онаа која е поврзана со собири и настани. 

Истражувањето откри дека големите собири и настани и продолжената изложеност на оние со Ковид-19 се основата на тоа како се шири вирусот, односно собирите со големи групи на луѓе кои се во близина едни со други во подолг временски  период веројатно ќе доведе до зараза и ширење на болеста.           

Појавите на инфекцијата отсекогаш беа резултат на преголемата близина меѓу луѓето во подолг временски период, на пример, ски-забавите во Австрија.

Фудбалскиот натпревар Аталанта – Валенсија, Келнскиот карневал, Марди Грас празникот и парадите во Њу Орлеанс и пролетниот одмор на Флорида во моментов се сметаат за настани за супер ширење на болеста.       

Тоа би можело да значи дека во иднина, состаноците ќе бидат со помал број учесници и со покус временски рок.  

За своите клиенти, Ice Online вели дека има смисла „да се подготвиме за нова реалност што може да се оствари во текот на следниот месец и да трае 6 до 9 месеци“. Меѓу нејзините препораки: продолжете да инвестирате во веб-семинари и виртуелни настани „за да го продолжите разговорот со присутните и спонзорите“; започнете да размислувате во однос на локалните, малите собири; и користете дигитални и социјални медиуми за да ги поврзете локалните заедници на глобално ниво.    

Се разбира, ова истражување се уште е во тек и немаме официјални заклучоци. 

Извор:   PCMA  Автор: Мишел Расел