CDC: Информации за лекарите за терапевтски опции за пациенти со КОВИД-19

Националниот центар за имунизациска и респираторна болест, Оддел за вирусни заболувања (National Center for Immunization and Respiratory Disease – NCIRD, Division of Viral Diseases) при Американските центри за контрола и превенција на болести (Centers for Disease control and Prevention – CDC) ја објави информацијата за тековната примена на одредени лекови во третманот на пациентите со КОВИД-19: 

Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) – US Food and Drug Administration (FDA) во моментот нема одобрени лекови специфични за третман на пациенти со Ковид – 19.

Клиничкиот третман во моментот вклучува мерки за превенција и контрола на инфекцијата и мерки за поддршка, вклучително и кислородна и механичка вентилациска поддршка кога тоа е индицирано.

Низа лекови кои се одобрени и се употребуваат за други индикации, како и некои лекови кои се во фаза на истражување се изучуваат во неколку стотици клинички испитувања што во моментов се одвиваат низ целиот свет. Целта на овој документ е да даде информација за двата одобрени лека (хлорохин и хидроксихлорохин) и за еден потенцијален лек кој е во фаза на е истражување (ремдесивир), кои во моментот се во употреба во САД.

1. Ремдесивир 

Ремдесивир е интравенски лек во фаза на испитување со широка антивирусна активност која ја инхибира вирусната репликација со прерано прекинување на транскрипцијата на РНК и има ин витро активност против САРС-КоВ-2 и ин витро и ин виво активност против сродни бетакоронавируси.

2. Хидроксихлорохин и хлорохин 

Хидроксихлорохин и хлорохин се лекови за орална употреба, кои се користат за третман на маларија и одредени воспалителни состојби. Хлорохинот се користи за третман на маларија и хемопрофилакса, а хидроксихлорохинот се користи за третман на ревматоиден артритис, системски лупус еритематозус и porphyria cutanea tarda. И двата лека имаат ин витро активност против САРС-Ков, САРС-КоВ-2 и други коронавируси, при што хидроксихлорохинот има релативно поголема моќност против САРС-КоВ-2.

Една студија во Кина објави дека третман на пациенти со КОВИД-19 со хлорохин имал клиничка и виролошка корист наспроти компаративната група, а хлорохин е додаден како препорачан антивирусен третман за КОВИД-19 во Кина.

Врз основа на ограничените ин витро и податоците добиени од лични искуства, хлорохинот или хидроксихлорохинот во моментот се препорачуваат за третман на хоспитализирани пациенти со КОВИД-19 во неколку земји. И хлорохинот и хидроксихлорохинот имаат познати безбедносни профили со претпазливост за кардиотоксичноста (продолжен QT интервал),  хепатална или бубрежна дисфункција и имуносупресија при продолжена употреба. Според досегашните искуства овие лекови наводно добро биле толерирани од пациенти со КОВИД-19.

Хидроксихлорохинот, поради повисоката ин витро активност против САРС-КоВ-2 и  неговата поширока достапност во САД во споредба со хлорохин, е администриран кај хоспитални пациенти со КОВИД-19  во повеќе земји, вклучително и во САД.

Една студија на мал примерок од Франција извести дека хидроксихлорохинот сам или во комбинација со азитромицин го намалил титарот на SARS-CoV-2 во примероците од горниот респираторен тракт споредено со не-рандомизираната контролна група.

Хидроксихлорохинот и азитромицин се поврзани со продолжен QT интервал и се препорачува претпазливост при примената на овие лекови кај пациенти со хронични заболувања (на пр. бубрежна инсуфициенција, хепатална болест) или кои примаат лекови кои би можеле да предизвикаат аритмија.

Хидроксихлорохинот во моментов е вклучен во клинички испитувања за пред-изложеност или профилакса по пост-изложеност на инфекција со САРС-КоВ-2 и третман на пациенти со лесна, умерена и тешка COVID-19. Во САД се планирани неколку клинички испитувања на хидроксихлорохин за профилакса или третман на инфекција со САРС-КоВ-2.

Во моментов нема достапни податоци од рандомизирани клинички испитувања за употреба, дозирање или времетраење на хидроксихлорохинот за профилакса или третман на инфекција со САРС-КоВ-2. Иако оптималното дозирање и времетраењето на хидроксихлорохин за третман на КОВИД-19 се непознати, некои американски доктори известиле за различни дози на хидроксихлорохин, како што се: 2х400мг првиот ден, а потоа еднаш на ден во следните 5 дена; 2х400 мг првиот ден, потоа 2х200 мг во наредните 4 дена; 2х600 mg првиот ден, а потоа по 400 мг на ден во наредните 2 до 5 дена.

3. Лопинавир-ритонавир

Неодамнешно клиничко испитување во Кина не ја докажа ефикасноста на Лопинавир-ритонавир во третманот на хоспитализирани пациенти со КОВИД-19 со пневмонија. Лопинавир-ритонавир сеуште се испитува во студии на Светската здравствена организација за третман на КОВИД-19.

Неколку други лекови се вклучени во клинички испитувања за профилакса или третман на КОВИД-19 во САД и во целиот свет.

Извор: CDC Centers for Disease Control and Prevention Page last reviewed: March 21, 2020  Content source: National Center for Immunization and Respiratory Disease (NCIRD), Division of Viral Diseases