Како да се намалат операциите во странство – се повеќе се бараат донации за лекување

На здравствениот систем му се заканува крахирање доколку здравствените власти заедно со лекарите час поскоро не изнајдат системски решенија, вели потпретседателот на Лекарската комора. Во спротивно бројот на пациенти кои ќе се праќаат на лекување во странство ќе продолжи да се зголемува.

Алармантни се бројките на лекари кои заминуваат од земјава. Оние кои одат во пензија нема кој да ги замени. Континуираниот одлив и недостатокот од кадар ги намалува капацитетите на македонското здравство. Бесими вели мора да има подобрување на условите за лекарите, но и поголема едукација на медицинскиот персонал.

„Алармантна е ситуацијата. Сите здравствени власти заедно со лекарската комора треба да најдеме решение за нашиот здравствен систем да не дојде во ситуација да крахира и да сме принудени во странство да праќаме голем број на пациенти и одлив на сретства на граѓаните.“ – вели Д-р Илбер Бесими – Потпретседател на Лекарска Комора.

Бесими вели факт е дека довербата во здравствениот систем е изгубена. Тоа го препишува на негативната кампања кон лекарите, но и на молкот кај самата фела во изминативе години.

„Не дека ние како лекарска фела сме секогаш во правно, а кампањата која се изведуваше почнувајќи од законот за пријавувања на пациенти и медиумското покритие дека лекарите секогаш грешат, можеби доведе до губење на довербата во здравствениот систем.“ – вели Бесими.

Оваа година државата ќе одвои меѓу седум и осум милиони евра за лекување во странство. За оваа година до Фондот се пристигнати околу 270 барања за лекување во странство, од кои 210 се одобрени. Над 50 граѓани од кои голем дел и деца чекаат донации преку телефонските оператори за да се лекуваат во странство. Голема е и бројката на апели за помош и на социјалните мрежи каде секојдневно граѓани бараат парична помош за да платат интервенција во странство, иако од друга страна пак остануваат прашањата кој ги контролира донациите и постои ли можност за злоупотреба.

Извор: 24 Вести 20.11.2017 | 18:55