Колкав е ризикот од смртен исход од варијантата B.1.1.7 на SARS-CoV-2?

Смртните случаи поврзани со варијантата B.1.1.7 се во пораст, но се поставува прашање на што се должи тоа.

Минатата недела научниците објавија податоци дека брзоширечката варијанта B.1.1.7 на SARS-CoV-2 го зголемува ризикот од смрт од Ковид-19 во споредба со претходната варијанта. Но, некои научници предупредуваат дека најновата студија е прелиминарна и сè уште не укажува на тоа дали варијантата е посмртоносна или едноставно се шири побрзо и зафаќа поголем број луѓе од ранливи категории.

Најновите откритија се загрижувачки, но за да се извлечат заклучоци „треба да се работи повеќе“, вели Муге Севик, истражувач по јавно здравје на Универзитетот Сент Ендрус, со седиште во Единбург, Велика Британија.

Минатата недела, британскиот премиер Борис Џонсон рече дека прелиминарните податоци од неколку истражувачки групи сугерираат дека B.1.1.7, кој за прв пат беше идентификуван во Велика Британија, се шири побрзо од претходните варијанти и е поврзан со поголем ризик од смрт. На 3 февруари, истражувачите од Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина објавија анализа на некои од тие податоци кои сугерираат дека ризикот од смрт е околу 35% поголем кај луѓето кои се заразени со новата варијанта.

Реално, според анализата тоа значи дека за мажи на возраст од 70-84 години, бројот на луѓе кои веројатно ќе умрат од Ковид-19 се зголемува од приближно 5% кај оние кои имаат Ковид-19 предизвикан од претходната варијанта, на повеќе од 6% кај оние за кои е потврдено дека се заразени со B.1.1.7. Кај мажите на возраст од 85 години или повеќе, ризикот од смрт се зголемува од околу 17% на скоро 22% за оние за кои е потврдено дека се заразени со новата варијанта. Анализата не е рецензирана.

Доминантна варијанта
Бидејќи B.1.1.7 за прв пат беше идентификуван во септември во јужна Англија, таа варијанта стана доминантна во Велика Британија и се прошири во повеќе од 30 земји. За да истражат дали потеклото предизвикува зголемен ризик од смрт, Никола Дејвис, епидемиолог во Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина и неговите колеги анализирале податоци од повеќе од 850 000 луѓе кои биле тестирани за SARS-CoV-2 помеѓу 1 ноември и 11 јануари, но кои не се лекувале во болница.

Тимот откри дека B.1.1.7 е посмртоносен од претходните варијанти за сите возрасни групи, двата пола и етникуми. „Ова дава силен доказ дека навистина постои зголемена смртност од новиот вид“, вели Хенрик Саje, епидемиолог за инфективни болести од Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија.

Сепак, Севик вели дека малиот број смртни случаи меѓу младите вклучени во анализата не дозволува да се донесе заклучок дека новата варијанта ги погодува сите возрасти подеднакво. „Се чини дека навистина има влијание на постарите возрасни групи“, вели таа.

Ова е очекувано, имајќи предвид дека шансите за смртен исход од Ковид-19 значително се зголемуваат со возраста, вели Тони Блејкели, епидемиолог на Универзитетот во Мелбурн, Австралија.

Наодите се исто така во согласност со другите прелиминарни трудови сумирани во документот објавен на 22 јануари од страна на Советодавна група за закани од нови и манифестни респираторни вируси (позната како NERVTAG – New and Emerging Respiratory Virus Threats Advisory Group), владина советодавна група. Еден истражувачки тим од Империјал колеџ во Лондон открил дека просечната стапка на смртност кај случаите – процентот на луѓе со потврден Ковид-19 и кои ќе умрат како резултат од Ковид-19 – е за околу 36% поголем кај луѓето заразени со B.1.1.7.

Други објаснувања
Севик вели дека се потребни повеќе податоци и анализи за да се заклучи дали варијантата е посмртоносна од другите лози. На пример, најновата студија не зема предвид дали луѓето заразени со варијантата B.1.1.7 имаат коморбидитети, како што се дијабетес и дебелина, и затоа се поранливи и имаат поголем ризик од смртен исход, вели таа.

Студијата опфаќа само мал дел од смртните случаи од Ковид-19 во Обединетото Кралство – околу 7% – и ефектот може да исчезне ако се вклучат смртни случаи кај луѓе тестирани во болници, вели Севик. Прелиминарната работа од страна на други групи не открила зголемен ризик од смрт кај луѓето примени во болници со новата варијанта и ова ја усложнува веродостојноста на овие резултати.

Дејвис вели дека е можно новата варијанта да предизвика потешка болест, што резултира повеќе луѓе да завршат во болница, но дека таму ризикот од смртен исход може да биде ист како и претходно. Но, тој се согласува дека се потребни повеќе податоци пред истражувачите да донесат соодветен заклучок.

Некои истражувачи исто така сугерираа дека B.1.1.7 може да доведе до зголемување на смртноста поради неговото брзо ширење, што ќе ги преплави болниците и ќе влијае на квалитетот на здравствената заштита. Но, Дејвис вели дека тој и неговиот тим го исклучиле тоа затоа што ги споредиле ризиците од смрт поврзани со новите и постарите варијанти кај луѓето кои биле тестирани во исто време и на исто место, и биле под исти услови во болниците.

Извор: Nature doi: https://doi.org/10.1038/d41586-021-00299-2 05.02.2021