КСС бара минимална плата од 16 000 денари и почитување на Законот за минимална плата

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), водејќи се од идејата за воведување на минимална плата уште во 2005 година на 1 мај на сите плоштади низ Македонија собра 45 000 потписи и иницираше воведување на тој законски параметар. Целта беше подобрување на стандардот на работниците во цела држава и секако нивното учество во креирањето на минималните примања, кои би требало да бидат доволни за основно опстанување на едно семејство кое е примател на минимална плата.

Борбата беше тешка и долга, па така во 2012 година за радост на сите работници заедно со социјалните партнери успеавме да донесеме закон со кој ќе се регулира минималната плата во државата.

Последниве години овој сегмент излезе од границите на основната идеја и причината зошто е донесен, па денес се користи како популистичка мерка на политичките партии само тогаш кога треба да соберат некој поен повеќе, особено  во предизборните периоди.

Ниту идејата беше да се манипулира  со работниците, ниту беше популистички да се користи, туку беше да се обезбеди пристоен живот, па затоа еве денес мораме да реагираме затоа што очигледно некој сака да манипулира со сите нас само да обезбеди плус политички поени на терен.

Како што знаеме оваа Влада се декларира за проевропска Влада, па ќе ја присетиме за Европската директива за минималната плата, која вели дека минималната плата во сите Европски држави треба да биде минимум 60% од просечната плата во државата.

Имајќи ги параметрите на просечна плата која изнесува  нешто над 25 000 денари, потрошувачката кошница која изнесува  32 653 денари, како и Европската директива за минимална плата, која треба да биде минимум 60% од просечната плата во државата, имајќи ги предвид причините за кои е воведена минималната плата, а тоа е пристоен и достоинствен живот на сите работници и имајќи во предвид дека едно четиричлено семејство  со две минимални плати треба да ја достигне потрошувачката кошница и ветувањето на Владата од 2015 и 2016 година, КСС бара да се почитуваат работниците како во секоја демократска земја и минималната плата да изнесува 16 000 денари.

Но, КСС  бара да се почитува и Законот за минимална плата, па оттука при секое покачување на минималната плата треба да се усогласат платите на сите вработени, како што тоа беше пример и во минатото,  а пред се Владата треба да се одважи и да даде пример како се почитуваат законите и трудот, па оттука прва да ги усогласи платите на вработените во јавниот сектор како што и налага Законот за минимална плата.

Платите на вработените во јавниот сектор стагнираат и далеку се под просечната плата, со вакво непочитување на законите само се доведуваме до ситуација да имаме одлив на стручни кадри, а јавната администрација од ден на ден е се повеќе понижена и клекната на колена.  Владата во овој момент со најавеното покачување на платите од 5% веќе должи уште плус 20% во овој момент на вработените во јавниот сектор, затоа што тоа е законска обврска, а ние остануваме и понатаму последни во регионот по лични примања и просечна плата и позади Косово и позади Албанија и Србија и имаме плати рамни на социјални примања.

Многу пати сме кажале дека без социјален мир нема ни социјална правда, и овојпат ви кажуваме дека само бараме почит и достоинство, да ни се даде тоа што е наше согласно законските регулативи, без обиди за манипулација затоа што во спротивно ќе пружиме отпор се со цел да си го сочуваме нашето достоинството и нашите семејства, впрочем како што и тоа го правиме сите овие години наназад.

Докажавме дека нема да останеме неми на ниту една неправда, дека ќе бараме да се почитуваат нашите права,  а нашето најголемо право е правото на живот, на достоинствен живот затоа што чесно работиме и очекуваме чесно да се однесувате кон нас и да се почитуваат доследно законите.

Борбата продолжува, а КСС е тука да застане позади сите работници во Македонија, впрочем и нашето постоење тоа го бара од нас.

Да живее трудот и сите работници во Македонија, и сите заедно да се избориме за едно подобро и поправично утре. – се вели во соопштението до медиумите од страна на КСС.

Извор: www.rabotnik.com.mk    Sep. 14, 2019 at 10:31 am