Нова Тв: Лекарите не добија зголемување од 5 отсто со септемвриската плата-погрешно разбрале

Нема зголемување на платите на здравствените работници од 5 проценти за месец септември, како што тие се надеваа. Многумина денеска разочарани кога виделе дека на сметките од септемвриската плата нема покачување, се јавувале во Синдикатот на Клинички центар, а дел се обратија и во редакцијата на НОВА.

„Нема зголемување на платите на здравствените работници иако така кажаа. Бевме во сметководство каде ни кажаа дека покачувањето од 5 отсто се однесува само за администрацијата. Сите лекари сме изненадени“, вели еден од лекарите кој се јави во НОВА.

Лекарите велат дека потврда за септемвриското зголемување имаат и од премиерот Заев, на чија фејсбук страница е објавено дека 5 посто покачување на септемвриската плата ќе добијат здравствените, социјалните, просветните работници, полицијата, одбраната и целиот јавен сектор.

Во Синдикатот на Клинички центар велат дека одлуката на Владата и Министерството за здравство била погрешно претставена бидејќи за такво нешто не се ни договориле, а со тоа и погрешно интерпретирана од здравствените работници.

„Не беше договорено зголемување од 5 посто кај здравствените работници, туку само за администрацијата која во јануари не доби покачување на платите. Но, постојаното потенцирање дека во септември ќе има покачување од 5 отсто во здравството, кое што всушност се однесува на целата администрација во државата, создава погрешна слика и е погрешно интерпретирано кај медицинскиот персонал“, изјави за НОВА, Горан Беговиќ претседател на Синдикатот на Клинички центар.

Тој рече дека засега не е најавено ново зголемување на платите. Сепак, неофицијално, ФЗОМ наводно прави пресметки кога и како би можело тоа да се случи.

Во јануари зголемување на платите од 10 проценти добија лекарите специјалисти во Клинички центар, а другите специјалисти и општи лекари поминаа со зголемување од  5 отсто, медицинските сестри во Клинички центар добија зголемување од 8 проценти, а медицински сестри во другите установи -5 отсто, техничкиот персонал и здравствените соработници 5 посто. Основната нето плата на лекар специјалист од терциерното здравство изнесува 44.517 денари.

Едно од најголемите ветувања на Владата, а зацртано и во програмата на СДСМ, е дека основната плата на лекар специјалист до крајот на нивниот мандат ќе изнесува 100 000 денари.

Извор: НоваТВ