Основа за формирање

admin

ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

XVIII СИНДИКАТИ И ЗДРУЖЕНИЈА НА РАБОТОДАВАЧИ

Асоцијации на работници и работодавачи

Член 184 

(1) Работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат.
(2) Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.
(3) Работодавачите имаат право, по свој слободен избор, да основаат здружение и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тоа здружение.
(4) Здружението на работодавачите е самостојна, демократска и независна организација во која работодавачите доброволно стапуваат заради претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други интереси.
(5) Синдикатите и здруженијата од ставовите (1) и (3) на овој член можат да се основаат без какво било претходно одобрување.

Доброволност на членство во синдикатот и здружението на работодавачите

Член 185

(1) Работникот, односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите.
(2) Никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Заштита на синдикатот и здружението на работодавачите

Член 186 
(1) Синдикатот, односно здружението на работодавачите не можат да бидат распуштени или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон.
(2) Активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Здружување на повисоки нивоа

Член 187 
(1) Синдикатите, односно здруженијата на работодавачите можат да основаат свои сојузи или други облици на здружување во кои нивните интереси се поврзуваат на повисоко ниво (синдикати и здруженија на работодавачи на повисоко ниво).
(2) Синдикатите и здруженијата на работодавачите на повисоко ниво ги уживаат сите права и слободи загарантирани за синдикатот, односно здружението на работодавачите.
(3) Синдикатите и здруженијата на работодавачите имаат право слободно да се здружуваат и соработуваат со меѓународните организации основани поради остварување на нивните права и интереси.

.page-template-agents .penci-wide-content{ max-width: calc(100% - 300px); }