Конфузија околу именувањето на новите варијанти на SARS-CoV-2

Како научниците идентификуваат се повеќе и потенцијално позагрижувачки варијанти на SARS-CoV-2 се јавува проблем како да ги именуваат. На состанокот на Светската здравствена организација (СЗО) на 12 јануари посветен на варијантите на коронавирусите, здравствените власти и истражувачите започнаа да создаваат нов систем за именување.

„Мислам дека сите ние сме многу збунети од различната номенклатура на варијантите на коронавирусите“, рече на состанокот во Женева Марија Ван Керхове, епидемиолог и технички лидер на СЗО за Ковид-19.

Проблемот е што не постои единствен пристап за именување на сите варијанти на SARS-CoV-2. Кога на крајот на 2020 година во Велика Британија беше идентификувана варијанта на SARS-CoV-2, Енглеското јавно здравство првично ја именува како варијанта под истражување 202012/01 (или VUI 202012/01); за потоа, по проценка на ризик да се нарече варијанта на загриженост 202012/01 (или VOC 202012/01).

Систем за именување кој истражувачите го развија за да ги посочат еволутивните врски помеѓу видовите на SARS-CoV-2 ја нарекува истата варијанта B.1.1.7, додека друг систем со иста цел ја нарекува 20I/501Y.V1. Во медиумите е популарна како „Великобританска варијанта“ – иако некои британски весници дури ја опишаа како „варијанта на Кент“, по округот во југоисточна Англија, кој првпат забележа нагол пораст во пренесувањето поврзан со видот на SARS-CoV-2. Варијанти идентификувани во Јужна Африка и Бразил добиле слични именувања. Термините како што се „варијанта“, „лоза“ и „сој“ дополнително создаваат збунетост, бидејќи тие немаат јасна дефиниција и понекогаш се користат наизменично за иста намена.

Избегнување на стигмата
Заради релевантноста за јавноста, „има потреба за поедноставен начин за именување на варијантите“, вели Оливер Пибус, еволутивен биолог на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија, кој со други развил систем за именување кој ги опишува односите помеѓу различните рани лози на SARS-CoV-2 и нивните еволутивни потомци. На овој систем се базира и името B.1.1.7, каде секој последователен знак означува подгрупа од претходната. „Веќе има шеми за именување за сите овие лози, но тие се главно важни за филогенетичарите“, вели Пибус.

Експертите исто така сакаат да ги отстранат имињата што ја поврзуваат варијантата со земјата или регионот во кој е идентификувана. „Ние би сакале оваа номенклатура да биде разбирлива и да не вклучува имиња на држави, затоа што сакаме да отстраниме било какво геополитичко прашање“, рече Ван Керхове. „Се обидуваме да избегнеме„ варијанта во Велика Британија “,„ варијанта на Јужна Африка “,„ варијанта во Бразил “- ќе ги има повеќе варијанти“.

Варијантите не се нужно идентификувани во земјата каде што се појавиле, а варијантите со брзо ширење како што се B.1.1.7 (или VOC 202012/01) кои се забележани во една држава, на крајот ќе се рашират во и во останатите делови од светот. Географските именувања исто така може да ги стигматизираат земјите и да ги потикнат да го обесхрабрат надзорот, додава Пибус. „Последно нешто што сакаме да направиме е да одвратиме било кого да извести за нови сознанија поврзани со варијантата – всушност, ние сакаме да го направиме спротивното“.

Кога јужноафриканските истражувачи идентификуваа загрижувачка варијанта, избегнаа вклучување на земјата во нејзиното име на барање на претседателот на Јужна Африка и министер за здравство, вели членот на тимот Тулио де Оливеира, биоинформатичар на Универзитетот КваЗулу-Натал во Дурбан. Тие се одлучија да ја наречат 501Y.V2; сега се нарекува и B.1.351 под системот што го разви тимот на Пибус. Додека истражувачите не се договорат за помалку збунувачки систем за именување, де Оливиера очекува дека медиумите и јавноста ќе продолжат да го користат терминот „јужноафриканска варијанта“. „Номенклатурата е конфузна во моментот“, додава тој.

Специфика на мутацијата
Некои научници исто така сакаат да ги отстранат имињата што означуваат индивидуални мутации. Тимот на Де Оливеира ја нарече варијантата што ја идентификуваше 501Y.V2, затоа што носи замена во 501-то место на аминокиселини на шилестиот протеин на вирусот кој таму го менува остатокот од аспарагин во тирозин (означен со Y во биохемиски стенограф). Ова име помогна да се поврзат стотици истражувачи во различни области кои ги проучуваат ефектите на мутацијата, вели Де Оливеира, но истовремено изоставува други важни промени во варијантата.

B.1.351 носи неколку други потенцијално загрижувачки промени на шилестиотпротеинот кој можат да влијаат на имунолошкиот одговор, вклучувајќи ги и промените означени 484K и 417N. Една од можностите е загрижувачките варијанти да се именуваат според констелацијата на мутации што ги носат, вели Ема Ходкрофт, молекуларен епидемиолог од Универзитетот во Берн, Швајцарија. На тој начин, различните варијанти кои носат слични групи на важни мутации, ќе добијат слични имиња.

Истражувачите на состанокот на СЗО не се согласија за нов систем на именување на релевантни варијанти. Пибус, кој е дел од работната група за решавање на ова прашање, смета дека новиот систем треба да оди во корелација со критериумите за идентификација.

Извор: Nature 589, 339 (2021) 15.01.2020