Rabotnik.com.mk: Проф. д-р Стикова: Ковид – 19 треба да се признае како професионално заболување

Ковид – 19 претставува нова заразна болест која пред нас поставува многу предизвици и непознаници. Постојат голем број на неодговорени прашања, а едно од нив е дали Ковид – 19 може да биде признаена за професионална болест кај здравствените работници, пред се докторите и медицинскиот персонал, вели проф. д-р Елисавета Стикова, од одделението за медицина на труд и проценка на здравствени ризици на Институтот за јавно здравје и професор на Медицинскиот факулетет во Скопје, за порталот Работник. 

„Последните податоци на Институтот за јавно здравје објавени на 20 април, оваа година укажуваат дека во нашата земја се регистрирани 210 случаи на Ковид -19 меѓу здравствените работници што претставува 17,1% од вкупниот број на заболени лица коишто се регистрирани во Р.С. Македонија. Ова нас, како експерти од областа безбедност и здравје при работа, не става пред предизвикот да размислуваме дали на тие работници треба да им биде признаена можноста дека таа болест е професионална и во која постапка тоа може да се докаже“, вели проф. Стикова.

Одоговорот е, како што вели таа, дека веројатно тоа би можело да биде направено, но се разбира под одредени услови, а тоа е пред се да се докаже причинско – последичната поврзаност помеѓу изложеноста и професионалниот ризик на работното место и појавата на болест, како и да се исполнат законските критериуми со кои се дефинира оваа материја кај нас.

Имено, во член 40 од законот за пензиско и инвалидско осигурување на Р. Македонија е утврдено дека „професионални болести се определени болести причинети со подолго непосредно влијание на процесот и условите на трудот врз работната способност на осигуреникот“, а дополнително стои дека професионалните болести мора да бидат внесени во Правилникот на листата на професионални болести.

Проф. Стикова истакнува дека во Правилникот на листата на професионални болести, во точка 407 стои дека како професионални заразни болести, покрај останатите (тетанус, бруцелоза, вирусен хепатитис и др.), можат да бидат признаени и „други инфективни заболувања предизвикани при превенција на заболувања, здравствена заштита, домашна посета и други компаративни активности за кои е докажан ризикот од инфекција“.

„Понатаму, во истата точка стои дека тие болести се однесуваат на работници кои при извршување на своите работи и работни задачи доаѓаат во контакт со заразни агенси, а такви работници можат да бидат: лекарите и другиот: помошен персонал, вработен во болниците, лекувалиштата, амбулантите и другите здравствени организации“, објаснува проф. Стикова.

Меѓутоа, според неа, она што мора да биде исполнето за да може Ковид -19 да биде признаено како професионална болест кај здравствените работници е доказот дека постои зголемен ризик на работното место поради присуство на САРС – КоВ- 2 вирусот.

„За да се утврди професионалниот ризик на работното место постои подзаконски акт, а тоа е „Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје при работа на вработени од ризици поврзани со изложеност на биолошки агенси“, во кој се дефинирани начинот и постапката под коишто работните места каде постои изложеност на корона вируси можат да бидат прогласени за работни места со зголемен ризик. Доколку, во соодветна постапка, од страна на овластените правни субјекти за безбедност при работа и службите за медицина на труд е направена (ре)оценка на професионалниот ризик (пред или за време на пандемијата) и работното место е прогласено за работно место со зголемен ризик поради присуство на САРС – КоВ -2 вирусот, тоа значи дека за работникот и/или работниците што работат на тоа работно место може да се применуваат одредбите од точката 407 од Правилникот на листата за професионални болести“, вели проф. Стикова.

Според неа, тоа е само еден чекор во отпочнувањето на постапката за признавање на болеста за професионална. Понатаму, треба да се пристапи кон оценка на исполнувањето на условите и критериумите за точката 407 од Листата на професионални болести, истакна проф. Стикова.

Но, како што вели таа, токму тука се јавува една формална пречка којашто во овој момент оневозможува Ковид – 19 кај здравствените работници да се пријави како професионална болест. Имено, во категоријата „услови што треба да бидат исполнети“ стои дека работникот треба да работи на „работни места каде е можен парентерален контакт со причинителот на болеста“.

„Ковид -19 не спаѓа во групата на заразни заболувања што се пренесуваат по парентерален пат, туку се пренесуваат преку респираторен пат или директен контакт. Оттука произлегува дека час поскоро би требало да биде дополнета точката 407 од Правилникот на листата за професионални заболувања, и во условите за признавање покрај парентерален контакт, да се додаде и друг начин на пренесување“, вели проф. Стикова.

Дополнително, таа посочи дека информациите коишто се достапни преку Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје укажуваат дека не сите здравствени работници се заболени или инфицирани на своите работни места и, во текот на извршувањето на својата работа. Затоа, за да болеста биде признаена за професионална, низ соодветна постапка треба да се провери и исполнувањето на критериумите од точка 407 од Правилникот, а тоа пред се се однесува на потребата да се докаже контакт со причинителот на болеста на конкретното работно место, а преку поширока епидемиолошка анкета да се отфрли евентуално друг начин на заразување (од членови на семејството или други блиски контакти со заболелни лица надвор од работното место).

На прашањето дали и за работниците во останатите сектори Ковид – 19 може да биде признаен како професионално заболување проф. Стикова рече дека моментално тоа не е можно, затоа што доколку буквално се следи словото на законот, во точката 407 од Правилникот на листата за професионални болести стои дека условите и критериумите се однесуваат само на заразни болести од кои заболуваат работници при вршење на своите работи и работни задачи како што се: лекарите и другиот медицински персонал, ветеринарскиот персонал и другиот помошен персонал вработен во болници, лекувалишта, амбуланти и во други здравствени организации.

Оттука, додава таа, останува простор, оваа точка да биде дополнета со и други професии (во услужната дејност, трговијата, транспортот и др.) каде причниско – последично ќе биде докажана инфекцијата со САРС – КоВ- 2 вирусот и зголемниот ризик на работното место од појавата на Ковид -19 кај професионално експонираните работници.

Извор: Rabotnik.com.mk  Од Бобан Илијевски Apr. 27, 2020 at 8:53 pm