Самостојниот Синдикат на клинички центри го осудува нападот на докторот од Клиниката за гастроентерохепатологија

Самостојниот синдикат на Клинички центри по повод последниот напад на доктор што се случи на 16.06.2014 година на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, по одржаниот состанок на Извршниот одбор го дава следното Соопштение: Синдикатот го осудува нападот и констатира дека ваквите и слични инциденти се зачестени и во континуитет во Република Македонија. Со цел да се заштитат докторите и останатиот медицински и друг персонал од понатамошни вакви инциденти Синдикатот бара да се спроведуваат одредбите од Законот за здравствена заштита, посебно член 171 според кој здравствениот работник има право на заштита ако кон него непосредно се упатени закани, напади и слични постапки во врска со давањето на здравствената услуга, а здравствената установа во која е вработен е должна да му обезбеди заштита. Во членот 29 од Законот за правата на пациентите е нагласено дека пациентот (се однесува и на други лица) за време на престојот во здравствената установа е должен да го почитува професионалното и човечко достоинство на здравствените работници и куќниот ред на здравствената установа. Со секоја почит кон пациентите и разбирањето за емотивната состојба на блиските роднини на пациентите поврзана со здравствената состојба на болниот Синдикатот укажува дека за евентуален неетички и нехуман однос на доктор или друг здравствен персонал, своите права и заштита да ги остваруваат на основите што ги дава Законот за правата на пациентите, а не по насилен пат.