СЗО соопшти дека ќе ги ангажира САД да го направат третманот со Ремдесивир за Ковид-19 пошироко достапен

Светската здравствена организација во понеделникот соопшти дека ќе разговара со Американската влада и Gilead Sciences антивирусниот лек ремдесивир да го направат пошироко достапен за лекување на Ковид-19 согласно податоците за неговата ефикасност.      

„СЗО ги поздравува неодамнешните податоци од клиничкото испитување за антивирусниот лек ремдесивир, спроведено од Владата на САД, според кои лекот се чини дека е ефикасен во намалувањето на времето на оздравување кај пациентите со Ковид-19“, рече д-р Мајк Рајан, извршен директор на програмата за здравствени вонредни состојби на СЗО, на прес-конференцијата во седиштето на агенцијата во Женева. „Има сигнали на надеж за потенцијална употреба на лекот“, рече тој.

Администрацијата за храна и лекови во петокот даде овластување за итна употреба на ремдесивир за лекување на „Ковид-19“, откако Националниот институт за алергија и заразни болести ги објави резултатите од клиничкото испитување на кои се гледа дека пациентите кои земале ремдесивир обично се опоравуваат после 11 дена, четири дена побрзо од оние кои не го земале лекот.

Лекот не е официјално одобрен за лекување на вирусот, а американските здравствени претставници предупредуваат дека новите податоци за лекот допрва треба да бидат прегледани и оценети од други стручни лица (peer-reviewed). И покрај тоа што лекот бил дозволен за итна употреба, сè уште има неколку клинички испитувања, вклучувајќи ја и „Solidarity“ студијата на СЗО, кои вршат тестирање на лекот за да се види дали е ефикасен во борбата против коронавирусот.         

„Благодарни сме што компанијата Gilead Sciences и генералниот директор имаа директни дискусии на највисоко ниво за да се осигураме дека ќе имаме пристап до лекот ремдесивир со цел да ја прошириме студијата „Solidarity“ ширум светот“, рече Рајан. 

Ремдесивир покажа некое ветувачки резултати во лекувањето на САРС и МЕРС, кои исто така се предизвикани од коронавируси. Некои здравствени власти во САД, Кина и други делови на светот го користат ремдесивир, кој беше тестиран како можен лек за епидемија на ебола, со надеж дека лекот може да ги подобри резултатите кај пациентите со Ковид-19.

Gilead Sciences очекува да произведе повеќе од 140.000 серии од својот 10-дневен режим на третман до крајот на мај и предвидува дека може да направи 1 милион серии  до крајот на оваа година. Gilead Sciences изјави дека ќе може да произведе „неколку милиони“ серии на антивирусен лек следната година.  

Извор: CNBC Published Mon, May 4 2020