Синдикатот на Клинички центри го осудува нападот на д-р Нестор Поповски од Универзитетската Клиника за Токсикологија од страна на Економскиот Директор

Доктор тврди дека е исфрлен како партал, Клиниката го обвинува за недолично однесување 

Ме исфрлија како партал од стручен колегиум на кој економскиот директор Никола Ташев урлаше на цел глас, а јас се уште не знам зошто. По 37 години работа некој на тој начин да ме понижува и да ми го нарушува угледот и дигнитетот нема да дозволам, вели доктор Нестор Поповски од Клиниката за токсикологија.

Стручниот колегиум на Клиниката, пак, реагира дека тврдењето на докторот е тенденциозно и неточно, не бил избркан туку економскиот директор на малку повисок тон го замолил да го напушти состанокот. Инцидентот го осуди Синдикатот на Клинички центар и ќе побара од Министерството за здравство да биде сменет економскиот директор на Токсикологија.
Поповски е шеф на интензивна нега, кој до пред три месеци беше в.д. директор на скопската Клиника за токсикологија на местото на доктор Андон Чибишев, кој пред две години стана пратеник во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Економскиот директор свика стручен колегиум на кој почна да вика на цел глас, а јас уште не знаев зошто викаше. Во еден момент ме повлече од столот за мантилот и ме исфрли надвор без никаква причина. Јас во животот не сум слушнал такво викање. Нема да дозволам некој да ме навредува и понижува после 37 години работно искуство. Откако дојде директорот прави што сака на клиниката и никој ништо не му може – вели д-р Поповски.
Тој вели дека не му е јасно зошто економскиот директор постапил така, но се сомнева дека таа реакција е поврзана со тоа што претходно со уште десетина колеги барале состанок со директорот за да разговараат за тековни проблеми, но тој не ги примил.
Тој поднел приговор до Лекарската комора, до Синдикатот на Клинички центар, како и до Македонското лекарско друштво.
Економскиот директор на Токсикологија Никола Ташев, вели дека не сака да дава никакви официјални изјави во јавноста за инцидентот со Поповски, туку упатува на заедничк изјава од сите членови на стручниот колегиум.
„Поповски со ништо не беше предизвикан на седницата на стручниот колегиум и грубо да ја нападна докторката Лидија Петковска и со недолично однесување го попречуваше работењето на колегиумот. Од овие причини в.д. организацискиот директор со цел да овозможи непречено одржување на седницата го отстрани д-р Нестор Поповски со малку повисок тон, но никако не дојде до физички контакт, а уште помалку до физички напад“, се вели во рекацијата на стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија потпишана од д-р Лидија Петковска, д-р Жаклина Переска, главен медицински техничар Миле Смилевски и секретар Елизабета Петковска.
Ташев на клиниката дошол пред три месеци, а претходно истата функција ја вршел на скопската Инфективна клиника.

За случајот реагира и Синдикатот на Клинички центар.
– Го осудуваме нападот, и досега имало мобинг од економските директори, но ова е прв пат физички да биде нападнат лекар. На вакви насилници не им е местото во директорските функции во јавното здравство – вели претседателот на Синдикатот, д-р Горан Беговиќ.

Тој вели дека синдикатот подготвува допис до Министерството за здравство, во кој ќе побара економскиот директор на Токсикологија да биде отстранет од работа.
Вакви проблеми, вели Беговиќ, имале и со економскиот директор на Стоматолошката клиника, кој поради притисок од вработените и синдикатот бил сменет.
Дали ќе го испитува инцидентот прашавме во Министерството за здравство, но од оваа институција добивме објаснување дека остануваат на она што во јавноста го инел стручниот колегиум.

Од Лекарската комора велат дека ги добиле дописите од стручниот колегиум и од д-р Поповски, а дополнително ќе информираат како ќе постапат.

Извор: Плус инфо
Објавено во 12:00 25 март 2016