Упатство за начин на интерпретација на резултати на тестови за КОВИД 19

 

На секое лице суспектно за КОВИД-19 му се прави скрининг тест односно тест за детекција на Е генот. Границата на детекција  на скрининг тестот е 5.2 РНК копии на реакција.

НЕГАТИВЕН СКРИНИНГ ТЕСТ

Во колку скрининг тестот е негативен, одговорот на резултатот за тој примерок е НЕГАТИВЕН.

Ако се добие негативен резултат од пациент со голема сомнителност за КОВИД-19 , особено ако се работи за примерок од горно респираторниот тракт (назофарингеален или орофарингеален брис), потребно е да се достави втор примерок со вклучување на примерок од долнореспираторен тракт.

Еден или повеќе негативни резултати не исклучуваат можност за КОВИД-19 . Постојат бројни фактори кои може да бидат причина за негативен резултат:

  • Примерокот кој е земен има мала количина на вирусни честички
  • Примерокот е земен рано или многу доцна од инфекцијата
  • Примерокот не е чуван или транспортиран соодветно
  • Мутација на вирусот
  • Техничка инхибиција на реакцијата

ПОЗИТИВЕН СКРИНИНГ ТЕСТ

Во колку скрининг тестот е позитивен се прави конфирматорен тест за детекција на RdRP генот чија граница на детекција 3.8 РНК копии на реакција

Во колку двата теста се позитивни, резултатот на пациентот се одговара како ПОЗИТИВЕН.

Во случај на позитивен скрининг тест, а негативен конфирматорен тест потребно е да се донесе  нов примерок од пациентот. И во овој случај, инфекцијата не се исклучува и случајот се води како веројатен.

Извор: Институт за јавно здравје на РС Македонија   23.03.2020 година