Хрватска: Поради недостаток на медицински сестри се затвораат одделенија

Поради недостаток на медицински сестри и доктори, болниците започнале да ги затвораат поединечните оддели. Состојбата, како што стојат работите, не планира брзо да се поправи, пишува Слободна Далмација.

Една од причините за тоа е секако и платата. Вишата медицинска сестра чија приказна ја објавила Слободна Далмација има плата од 811 евра. Во болницата во која е вработена, работи и приватна фирма која ги чисти просториите. Во настојувањето да ги задржи хигиеничарките, а и да не му се распадне работата, сопственикот на таа фирма неодамна им дал плата од 740 евра.

Споредбено, нето платата на медицинска сестра во Германија изнесува околу 2,600 евра. Три пати повеќе отколку во Хрватска.

Во такви услови се води и расправата за тоа треба ли платите во болниците да се зголемат за 3 или 4 отсто. И има ли државата доволно пари за да тоа го финансира.

Министерот за здравство, Милан Кујунџиќ направи договор со струковите синдикати според кој во секторот здравство платата веднаш би се зголемила за 3 отсто, а зголемувањето ќе зафати 72 илјади вработени. Договорот содржи и клауза за повторен пораст на платите за 4 отсто.

Синдикатите од старт барале зголемување од десет проценти, но бидејќи немале избор се согласиле на компромис. Владата пак, постигнатиот договор го отфрлила, а синдикатите ја подигнале скалата. Сега бараат раст од 6 проценти. По се изгледа дека зголемувањето нема да се примени до 2020 година.

Истовремено, во неодамна усвоените Насоки за фискални политики за период 2020 – 2022 година Владата предвидува намалување на буџетот на Министерството за здравство.

А растот на платите и намалувањето на буџетот обично не одат рака под рака. Не на начин кој одговара на вработените во потресниот здравствен систем.

Извор: www.rabotnik.com.mk 19.08.2019