CDC: Импликации на варијантата SARS-CoV-2 VOC 202012/01

Од ноември 2020 година, варијантен вид на SARS-CoV-2 стана широко распространет на југоистокот на Англија, наводно зафаќајќи 60% од неодамнешните инфекции во Лондон. Оваа варијанта има мутација во доменот на врзување на рецепторот (RBD) на шилестиот протеин во позиција 501, каде аспарагинската аминокиселина (N) е заменета со тирозин (Y). Скратениот назив за оваа мутација е N501Y, понекогаш се означува и како S: N501Y за да се специфицира дека се наоѓа во шилестиот протеин. Оваа варијанта носи многу други мутации, вклучително и двојно бришење (позиции 69 и 70).

Оваа брза промена од редок вид да стане обичен вид ги загрижи научниците во Велика Британија, кои итно ги проценуваат карактеристиките на варијантниот вид и болеста што ја предизвикува.

Претходната работа со варијанти со N501Y сугерира дека тие можат поцврсто да се врзат за човечкиот ангиотензин-конвертирачкиот ензим 2 (ACE2) рецептор. Не е познато дали тоа поцврсто врзување, ако е точно, доведува до значителни епидемиолошки или клинички разлики. Во една лабораториска студија за пренесување на вирусот помеѓу еден вид од родот ласици наречени порови, оваа мутација спонтано се појавила кај поровите за време на експериментот. Значењето на оваа опсервација допрва треба да се разјасни. VOC 202012/01 досега нема позната поврзаност со животни или контакт со животни.

САРС-CoV-2 редовно мутира, стекнувајќи околу една нова мутација во својот геном на секои две недели. Многу мутации се тивки (т.е. не предизвикуваат промена во структурата на протеините што ги кодираат) затоа што произведуваат кодон со три букви што се претвора во иста аминокиселина (т.е. тие се „синоними“). Други мутации може да го променат кодонот на начин што доведува до промена на аминокиселина (т.е. тие се „несинонимни“), но оваа замена на аминокиселини не влијае на функцијата на протеините.

Во моментов, варијантата се нарекува „SARS-CoV-2 VOC 202012/01“ или „Б.1.1.7“. Медиумите често ги користат термините „варијанта“, „вирус“, „лоза“ и „мутант“, додека научната заедница обично ги користи првите три термини.

Научниците работат на тоа да сознаат повеќе за оваа варијанта за подобро да разберат колку лесно може да се пренесе и дали моментално одобрените вакцини ќе ги заштитат луѓето од оваа варијанта на вирусот. Засега нема докази дека оваа варијанта предизвикува потешко заболување или зголемен ризик од смрт.

Врз основа на овие мутации, се предвидува дека овој варијантен вид потенцијално ќе биде повеќе пренослив од другите соеви на САРС-CoV-2.

Потенцијалните последици од овие мутации се следниве:

  • Способност за побрзо ширење кај луѓето. Веќе постојат докази дека мутацијата D614G, има својство да се шири побрзо. Во лабораторијата, G614 варијантите побрзо се шират во хуманите респираторни епителни клетки, надминувајќи ги конкурентните D614 вируси.
  •  Исто така, постојат докази дека варијантата G614 се шири побрзо од вирусите без мутација.
  • Способност да предизвика или поблага или потешка болест кај луѓето . Нема докази дека VOC 202012/01 предизвикува потешка болест отколку другите варијанти на САРС-CoV-2.
  • Способност да се избегне откривање со специфични дијагностички тестови . Повеќето тестови за комерцијална полимеразна верижна реакција (ПЦР) имаат мултипли таргети за детекција на вирусот, така што дури и ако мутацијата влијае на еден од таргетите, другите таргети на ПЦР ќе функционираат.
  • Намалена подложност на терапевтски агенси како што се моноклонални антитела.
  • Способност да се избегне имунитет предизвикан од вакцини. Вакцините одобрени од FDA се „поликлонални“, кои произведуваат антитела насочени кон неколку места на шилестиот протеин. Вирусот најверојатно ќе треба да акумулира повеќе мутации на шилестиот протеин за да го избегне имунитетот предизвикан од вакцини или од природна инфекција.

Меѓу овие можности, последната – можноста да се избегне имунитетот предизвикан од вакцини – веројатно ќе биде најзагрижувачка бидејќи штом се вакцинира голем дел од популацијата, ќе има имунолошки притисок што може да ја фаворизира и забрза појавата на вакви варијанти со избирање на „мутациони бегства“. Нема докази дека тоа се случува, а повеќето експерти веруваат дека мутациони бегства најверојатно нема да се појават поради природата на вирусот.

Извор: CDC 22.12.2020 година