Што треба да знаете за варијантите на SARS-CoV-2

Вирусите постојано мутираат и создаваат нови форми. Коронавирусот има илјадници варијанти кои се идентификувани. Но, неколку, вклучувајќи ги варијантите за прв пат пронајдени во Обединетото Кралство, Јужна Африка и Бразил, се многу преносливи и предизвикаа загриженост дека вакцините можат да бидат помалку ефикасни против нив.

Истите заштитни мерки кои не заштитуваа од вирусот во текот на целата пандемија – одржување на социјална дистанца, носење маски и миење раце – се уште побитни пред овие високо преносливи варијанти.

„Eeek“ Мутација (E484K)
Оваа мутација најдобро може да се опише како мутација во мутација. Се нарекува E484K – или „Eeek“, како што ја нарекуваат епидемиолозите – и се појавува кај некои од варијантите што се опишани подолу. Не е сосема нова; многу пати е појавена од почетокот на пандемијата, но главното внимание го стекна кога започна да се поклопува со други варијанти кои се повеќе заразни.

Eeek е виден во варијантите кои прво биле откриени во Велика Британија, Јужна Африка и Бразил. Исто така, откриен е во повеќе од 200 примероци на секвенционирани вируси во САД од мај досега.

Еек мутацијата предизвикува промени во шилестиот протеин на вирусот, кој е целното место на делување на вакцините. Сама по себе, оваа мутација не го менува вирусот значително. Оваа мутација загрижува кога е поврзана со другите варијанти, што може да му помогне на вирусот да избегне идентификација и неутрализацијата од страна на човечкиот имунолошки систем да биде помалку ефикасна.

Дали вакцините ќе делуваат?
Научниците активно се обидуваат да одговорат на ова прашање. Податоците од клиничките испитувања покажаа дека вакцините биле помалку ефикасни во спречувањето на инфекции кај варијантите во Јужна Африка со мутација. Но, сепак вакцините драматично ја намалија можноста за тешка болест или смртен исход.

Полу-поврзано со прашањето за вакцината: Едно истражување откри прелиминарни докази дека пациентите во Јужна Африка кои претходно преживеале инфекција со претходниот, почест коронавирус и кои се инфицирале по втор пат по изложеноста на варијантата со оваа мутација не биле сериозно болни.

Оригинална варијанта (D614G)

Оваа мутација, позната кај научниците едноставно како “G”, беше откриена во Кина во јануари 2020 година. Наскоро се прошири низ градот Њујорк и Европа. Мутацијата “G” стана присутна насекаде. До јули, околу 70 проценти од 50 000 геноми на коронавирусот, поставени од истражувачи ширум светот во заедничка база на податоци, ја носат варијантата.
Некои научници сметаат дека оваа мутација е значително попренослива од оригиналниот вид на вирусот. Тоа е затоа што оваа варијанта има четири до пет пати повеќе шилести протеини на нејзината површина. Овие шилести протеини овозможуваат вирусот да се прикачи и да ги зарази клетките. Но, други научници сè уште ја оспоруваат поголемата преносливост.

Дали вакцините ќе делуваат?
Варијантата “G” беше доминантен вид кога се одржаа испитувања за вакцини во 2020 година. Вакцините Pfizer и Moderna покажаа ефикасност од 95 проценти во испитувањата.

Варијанта на Велика Британија (B.1.1.7)

Оваа варијанта за прв пат се најде во Обединетото Кралство, поточно во Лондон и блиската област Кент, во септември. Понекогаш се нарекува варијанта „Кент“. Од декември брзо се шири во Велика Британија, Данска и Ирска. Десетици земји, вклучително и САД, забележале инфекции од оваа варијанта на вирусот. Центрите за контрола и превенција на болести објавија моделска прогноза на почетокот на јануари што укажува на тоа дека варијантата може да стане доминантен вид во САД до одреден момент во март.
Варијантата за прв пат идентификувана во Велика Британија се чини дека е пренослива од претходниот, почест вид. Британскиот премиер Борис Џонсон исто така за прв пат во јануари сугерираше дека овој вид може да биде посмртоносен од претходните мутации.

Дали вакцините ќе делуваат?
Научен консензус е дека вакцините ќе останат ефикасни против оваа мутација, бидејќи тие предизвикуваат низа неутрализирачки антитела и други реакции на имунолошкиот систем. Биотехнолошките компании Pfizer и Moderna соопштија дека нивните вакцини изгледа дека делуваат против оваа варијанта.

Равиндра Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ, откри во студија на постари возрасни лица дека имунолошкиот одговор активиран од вакцината Pfizer е нешто послабо ефикасна во однос на варијантата за прв пат идентификувана во Велика Британија.

Јужноафричка варијанта (B.1.351)

Оваа мутација, исто така наречена и 501Y.V2, беше пронајдена во Јужна Африка на почетокот на октомври, а објавена во декември, кога министерот за здравство на земјата рече дека овој вид на SARS-CoV-2 се чини дека повеќе ги погодува младите отколку претходните соеви. Оваа варијанта може да придонесе за наплив на инфекции и хоспитализации низ цела Јужна Африка.
Оваа мутација е идентификувана во повеќе од дваесетина земји, вклучувајќи ги Канада, Австралија и Израел. На 28 јануари, официјални лица од Јужна Каролина објавија дека оваа варијанта заразила две лица без историја на патувања – првите случаи на овој вид идентификувани во Соединетите држави.
Оваа мутација дели некои сличности со варијантата за прв пат идентификувана во Велика Британија и се чини исто како и таа варијанта е попренослива. Нема докази дека е посмртоносна. Скот Готлиб, поранешен директор на Администрацијата за храна и лекови, сугерираше дека оваа варијанта може да биде поотпорна на терапиите со антитела.

Дали вакцините ќе делуваат?
Вакцините може да имаат намален ефект врз оваа варијанта, но тие веројатно сепак ќе бидат ефикасни, рече во јануари врвниот експерт за инфективни болести Ентони С. Фаучи. Moderna изјави дека вакцината штити од варијантата за прв пат идентификувана во Јужна Африка, со важна забелешка: Антителата предизвикани од вакцина, исто така, биле помалку ефикасни во неутрализација на оваа мутација во лабораториски услови. Pfizer и BioNTech објавија своја студија, која сè уште не е рецензирана, и која сугерира дека нивната вакцина ефикасно ја неутрализира оваа варијанта, како и онаа за прв пат идентификувана во Велика Британија. Но, компаниите изјавија дека вакцината е нешто помалку ефикасна против варијантата која прв пат е откриена во Јужна Африка. На 29 јануари, Johnson & Johnson соопштија дека нивната еднодозна вакцина е силно ефикасна во опсежно глобално испитување, но дека нејзината заштита од болест е послаба кај Јужноафриканскиот сој.

Бразилска варијанта (P. 1)

Студиите на секвенционирање ја идентификуваа Бразилската варијантата, главно во Рио де Жанеиро, уште во јули. Истражувачите во Јапонија ја откриле кај патници од Бразил во јануари.
Моментално е потврдена, меѓу другите места, во Бразил, Перу, Германија, Јужна Кореја и Јапонија. На 25 јануари, здравствените власти во Минесота го потврдија првиот случај на оваа варијанта во САД кај жител со скорешна историја на патувања во Бразил.

Варијантата има повеќе од десетина измени, од кои неколку се наоѓаат на шилестиот протеин на вирусот, кој го врзува вирусот со клетката. Поради тоа, истражувачите сметаат дека овој сој на вирусот е веројатно повеќе пренослив. Исто така, постојат некои почетни докази дека антителата можеби не ја препознаваат варијантата P. 1, што може да доведе до реинфекција.

Дали вакцините ќе делуваат?
Во моментов нема силни докази кои сугерираат дека вакцините нема да делуваат против Бразилската варијанта. Сепак, научниците ја изразија можноста оваа варијанта да ги избегне антителата, што би влијаело на ефективноста на сегашните вакцини. Moderna најави дека ќе развие нова вакцина прилагодена на слични варијанти во случај да биде неопходно.

Данска варијанта (L452R)

Оваа варијанта беше откриена во Данска во март. Мутацијата се прошири и во Северна Калифорнија и се поврзува со појава во старечки домови, затвори и болница во областа Сан Хозе. Потврдено е и во Јужна Калифорнија и повеќе од десетина други држави.

Сè уште не е јасно дали овој вид коронавирус е попренослив или посмртоносен од доминантната мутација.

Дали вакцините ќе делуваат?
Некои научници сметаат дека оваа варијанта може да биде поотпорна на вакцини, бидејќи мутацијата е во шилестиот протеин, што овозможува вирусот да се закачи на клетките. Но, научниците исто така велат дека е потребно повеќе студии пред да можат да се донесат заклучоци.

Извор: Coronavirus Update 05.02.2021