21ТВ: Филипче на средба со трите медицински сестри кои поднесоа барање за отказ од Инфективна клиника

Министерот за здравство Венко Филипче, утрово имаше средба со трите медицински сестри, кои вчера најавија дека ќе си заминат од Инфективната клиника. Станува збор за главната сестра Зорица Љубичиќ Митиќ и уште две медицински сестри Силвана Рогиќ и Дивна Бојческа. Филипче истакна дека ги разбира, и договорено е после годишниот одмор кој ќе го користат, повторно да се разговара со нив и да се најде начин за продолжување со битката против коронавирусот.

„Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници.“, напиша Филипче.

Извор: 21 ТВ   09:38