Некои луѓе создаваат имунолошки одговор, кој е ефикасен и против варијантите на коронавирусот

Пени Мур од Националниот институт за заразни болести и Универзитетот во Витватерсранд во Јоханесбург беше една од првите научници што укажа дека варијантата на коронавирус идентификувана во Јужна Африка може да го избегне имунитетот.

За среќа спротивно на таа претпоставка нејзиниот тим откри дека инфекцијата Б.1.351 создава антитела кои се ефикасни и кон старата и кон новите варијанти. „Тоа беше изненадување“, вели Мур.

Ова откритие, објавено во bioRxiv , се приклучува на мноштвото неодамнешни истражувања кои сугерираат дека вакцините може да се ефикасни со варијантите на коронавирусите од минатото, сегашноста – а можеби дури и од иднината.

„Да се ​​добијат вакцини кои ќе се справат со варијантите кои во моментот циркулираат е исклучително решлив проблем“, вели Пол Биениас, вирусолог од Универзитетот Рокфелер во Њујорк, чија лабораторија ги проучува варијантите на коронавирусот. „Можеби веќе го имаме тоа решение“.

Истражувачите во Јужна Африка го идентификуваа B.1.351 на крајот на 2020 година. Сега тој претставува најголем дел од случаите во земјата и се шири низ целиот свет. Варијантата го привлече вниманието на научниците затоа што беше поврзана со избувнувања на места кои веќе беа тешко погодени од првиот бран во Јужна Африка, во почетокот на годината, и затоа што носеше промени кои ја намалија потенцијата на некои антитела кои вообичаено го спречуваат SARS-CoV- 2.

Истражувањето предводено од Мур и Алекс Сигал, во Африканскиот институт за истражување на здравјето во Дурбан, во првите денови од јануари предизвика загриженост од варијантата Б.1.351. Се покажало дека оваа варијанта ги избегнува антителата кои го блокираат вирусот, а кои биле произведени кај голем број луѓе кои биле заразени со вирусот од првиот бран. Неколку недели подоцна, резултатите од клиничкото испитување покажале дека варијантата ја намалува ефикасноста на вакцините на „Novavax“ и „Johnson Johnson“ и потенцијално ја намалила заштитата која ја дава вакцината на AstraZeneca против коронавирусот.

Изненадување на „псевдовирусот“
Мур се надевала дека инфекцијата со Б.1.351 ќе предизвика силна реакција на имунитетот, но постоела можност оваа варијанта да биде помалку препознаена од имунитетниот систем отколку другите соеви. За да открие, нејзиниот тим анализирал антитела од 89 лица кои биле хоспитализирани со инфекции од Б.1.351. Истражувачите користеле „псевдовирус“ – модифицирана форма на ХИВ што ги инфицира клетките со помош на шилестиот протеин на SARS-CoV- 2 – за мерење на капацитетот на антителата за блокирање на инфекцијата.

Воочливо било дека луѓето кои закрепнале од инфекцијата со B.1.351, направиле исто толку антитела, како и оние заразени со другите варијанти на коронавирусот. Тие антитела успешно ги блокирале псевдовирусите со мутациите Б.1.351. На изненадување на Мур, антителата блокирале и други соеви. Овие вклучуваат некои кои биле слични на оние со Б.1.351, но и варијантата која го избегнува имуниот систем наречена П.1, идентификувана во Бразил, која поседува неколку заеднички мутации со Б.1.351. Тимот на Сигал објави слични резултати претходниот месец.

Мур не знае зошто инфекцијата со B.1.351 резултира со толку широк имунолошки одговор, но таа работи тоа да го открие. „Се работи за единственото нешто за што размислувам овие денови“, вели таа. Можно е антителата да ги препознаваат карактеристиките на шилестиот протеин на коронавирусот кои не се разликуваат помеѓу варијантите на коронавирусот.

Резултатите се поттик за идните напори за развој на вакцини, кои се способни да се справат со варијантите како што е Б.1.351. Минатата недела, ажурирани верзии на вакцината Moderna, засновани на генетскиот редослед на варијантата B.1.351, за прв пат им беа дадени на учесниците во испитувањето. Други фармацевтски компании, вклучувајќи ги Pfizer и BioNTech, исто така, планираат да пробаат вакцини засновани на генетската низа на B.1.351. „Мислам дека постои добра можност тие вакцини да имаат малку подобри резултати“, вели Мур.

Различни варијанти на коронавируси можат да предизвикаат различни имунолошки одговори, а истражувачите само што започнале да ја мапираат нивната целосна разновидност. Се чини дека инфекцијата со брзо ширечката британска варијанта, позната како Б.1.1.7, предизвикува антитела кои лошо работат против Б.1.351 и претходните варијанти, според истражувањето предводено од имунологот Џорџ Касиотис од Институтот Франсис Крик во Лондон и вирусологот Елени Настаули од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Повторно, не е јасно зошто Б.1.1.7 се чини дека генерира тесен имунолошки одговор. За справување со оваа варијантата се користат постојните вакцини – кои се базираат на вирусот што се појави во Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година – но истражувачите итно треба да утврдат дали вакцините засновани на В.1.351 исто така можат да се справат со Б.1.1.7, вели Касиотис . Ако не, можеби идните вакцини треба да се имунизираат истовремено против повеќе варијанти, на сличен начин како сезонските вакцини за грип.

Отпорност на вакцините
Редизајнирањето на вакцините не е нужно единствениот начин за справување со новите варијанти на коронавируси. Истражувачите идентификуваат други фактори кои можат да ги направат постојните вакцини поотпорни, како што ена пр. имитирањето на начинот како природниот имунитет предизвикан од инфекција понекогаш може да понуди широка заштита. На пример, тимот на Биениас откри дека некои луѓе кои се опоравуваат од Ковид-19 создаваат антитела кои со текот на времето стануваат поспособни да блокираат различни варијанти на коронавирус.

Б-клетките кои произведуваат антитела можат да еволуираат преку природна селекција за да создадат антитела кои поцврсто се врзуваат за нивната цел-таргет, процес познат како созревање. Тимот на Биениас во размак од неколку месеци, изолираше Б-клетки од луѓе кои заздравеле од инфекцијата и воочија како се менува потенцијата на индивидуалните антитела, бидејќи лозата на Б-клетките созрева со текот на времето.

Во некои случаи, „созреаните“ антитела препознале варијанти на коронавируси, вклучително и B.1.351, кои претходните верзии на овие антитела не успеале да ги препознаат. Еден вид на созреани антитела може да неутрализира дури и далечни сродни коронавируси. „Колку е позрел одговорот на антителата, во однос на тоа дека поминал низ процесот на селекција, толку повеќе е во состојба подобро да се справи со варијантите“, вели Биениас.

Не е јасно како да се направат вакцини кои ќе активираат такви антитела. Созревањето се случува кога вирусните молекули како антигени, кои се препознаваат од антителата, опстојуваат во телото. „Навистина, начинот на водење на процесот е антигенот да биде што поконстантен“, вели Биениас. Формулирање на вакцини со адјуванти може да биде еден од начините да се постигне тоа.

Некои од вакцините што биле администрирани на милиони луѓе можеби веќе предизвикуваат имунолошки одговори кон варијантите. Во друг препринт за март, долгогодишна студија за Ковид-19 во Сиетл, Вашингтон, објави дека по добивањето на единечна доза на вакцина против mRNA, учесниците кои претходно биле заразени со SARS-CoV-2 произвеле голема количина антитела кои можат да го неутрализираат Б .1.351, како и претходната варијанта. Тие луѓе, исто така, произведоа многу повисоки нивоа на антитела отколку што обично се гледа дури и кај оние кои примиле две дози на вакцини.

Леонидас Стамататос, имунолог во Центарот за истражување на канцер Фред Хачинсон (FHCRC) во Сиетл, кој беше ко-предводник на студијата, се сомнева дека единечна доза на вакцината го зголемила нивото на веќе постоечките антитела кои биле способни да препознаат различни варијанти. Не е јасно на кој начин би можело да се создаде ваков одговор кај луѓе кои немале Ковид-19. Една можност е дека одложен период од неколку месеци помеѓу инфекцијата и вакцинацијата, и дека нејзиниот ефект може да се реплицира со друга доза на вакцина, дадена шест месеци или една година по првите две, вели Енди МекГваир, имунолог од FHCRC кој ја ко-предводеше студијата.

Покажувајќи ваков широк имунолошки одговор на варијантите во најновите податоци, многу истражувачи се претпазливо оптимистички дека вакцините ќе можат да заштитат од варијантите. „Мислам дека се многу добри вести во однос на патот кон подобри вакцини“, вели Морган Роланд, вирусолог од Фондацијата за унапредување на воената медицина Хенри М. Џексон, која работи во Институтот за истражување на армијата Валтер Рид во Силвер Спринг, Мериленд.

А, фактот дека вирусот постојано ги развива истите мутации кои го избегнуваат имуниот систем, може да значи дека неговиот шилест протеин има ограничен капацитет за промена, додава Роланд.

Мур не е толку сигурна. Со оглед на доволното време, „Имам бесконечна верба во способноста на вирусот да избега од имунолошки одговор“, вели таа. „Мораме да го намалиме глобалниот број на инфекции до таа мерка кога вирусот нема да има толку многу можности да избега“.

Извор: Nature 19.03.2021