Синдикатот на Клинички центар против концептот за јавно-приватно партнерство во јавните здравствени установи

28.03.2019

За Синдикатот на клинички центар не е прифатлив концептот за јавно-приватно партнерство во јавните здравствени установи кои се во состав на Клинички центар, вклучувајќи ја и стерилизацијата.
И на Синдикатот на клинички центар и на јавноста добро и е познато значењето и улогата на јавното-приватно партнерство и правата на вработените во таквите “јавно“ ПРИВАТНИ ПАРТНЕРСТВА. Истото се однесува и за правата на пациентите во таквите “јавно“ ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ каде главниот интерес на новите “јавно“ ПРИВАТНИ ГАЗДИ е исклучиво и единствено ПРОФИТОТ.
Синдикатот на клинички центар е на став дека Клинички центар како установа од посебен интерес за државата треба да се изземе од планирањето при вакви и слични реформи во јавното здравство.
Истовремено, Синдикатот на клинички центар не прифаќа било каков натпревар или споредба на Универзитетска клиника со приватна здравствена установа. Несватлива е и помислата дека Универзитетска клиника може да се затвори на сметка на приватна здравствена установа.
Секој кој ќе доведе до затварање на Универзитетска клиника на сметка на приватна здравствена установа треба да е свесен дека неповратно го започнува процесот на уништување на јавното здравство со сите несакани последици по пациентите и граѓаните.
Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека ваквите реформи во јавното здравство се спротивни на претходно ветените заложби на Владата за зајакнување на јавното здравство.
Синдикатот на клинички центар ги потсетува Министерот за здравство и Премиерот за нивните ветувања, кои Синдикатот ги поддржа и ја чека нивната реализација:

  • Основна плата на доктор специјалист во терциерно здравство до 2020 година од 100000,00 денари; двојно зголемување на платите на другите здравствени работници
  • Единствен клинички центар
  • Бесплатен паркинг за вработените во Клинички центар или да не е повеќе од 200 денари месечно

Синдикатот на клинички центар го потсетува Министерот за здравство дека крајниот рок кој тој го одреди за изградба на 2 до 3 катни гаражи истекува за 2 недели. Притоа вети и се обврза дека по изградбата на катните гаражи картичката за паркинг за вработените во Клинички центар ќе биде бесплатна или нема да е повеќе од 200 денари месечно.
Во меѓувреме, ниту еден столб не е поставен на просторот предвиден за катни гаражи, а вредноста на картичката за паркинг за вработените во Клинички центар е зголемена за 229% и изнесува 800 денари, што за поедини профили вработени е еднакво на процентот на покачување на јануарската плата.
Синдикатот на клинички центар и вработените очекуваат реализација на ветените програми и планови.

Извор: 24 Вести, 28.03.2019 | 12:46 pm

Пребарување