Синдикатот на Клинички Центар е задоволен од ставовите на Лекарската Комора за утврдување на основната плата на лекарите

12.06.2019

Од Самостојниот Синдикат на клинички центар – ССКЦ истакнуват дека поради одредени нејаснотии во јавноста за несогласувањата (не конфликт) помеѓу Синдикатот на Клинички центар и Лекарската комора на Република Северна Македонија Ве информираат за следното:

  1. Верзијата 1.1. на Нацрт Законот_Предлог-Законот од 28.05.2019 година, објавена на Единствениот национален електронски регистер на Република Северна Македонија (ЕНЕР) е препишан текст од Предлог Законот за докторска дејност на Лекарската комора на Македонија од 21.04.2016 година.
  2. Главната придобивка за докторите на медицина од овој Предлог Закон за докторска дејност од 21.04.2016 година беше членот 24, а кој гласи “Основната нето плата се утврдува така што просечната плата во Републиката се множи со коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти, со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти (или како што употребуваат колегите од Лекарска комора претворено во апсолутни бројки од 1000 до 1600 евра во денарска противвредност) “.
  3. Предлагачот, Министерството за здравство во Нацрт Законот_Предлог-Законот од 28.05.2019 година го отстранил тој член и во нов член 27 ја уредува основната плата во јавното здравство, согласно постоечкиот Закон со колективен договор.
  4. Целта на изготвувачот на Законот за докторска дејност, Лекарската комора беше законски да се дефинира основната плата на докторите на медицина, која ќе беше основ при утврдувањето на платата на докторите на медицина во колективните договори.
  5. Во Нацрт Законот_Предлог-Законот од 28.05.2019 година, докторот на медицина, спротивно на дипломата и Законот за здравствената заштита се нарекува лекар на медицина.
  6. Од 71 член на овој Нацрт Закон_Предлог-Закон за лекарска дејност од 28.05.2019 година (34 члена директно или индиректно се однесуваат на Лекарската комора, а на вреднувањето на Лекарската работа само 4 члена).
  7. Синдикатот на Клинички центар бара изготвување нов Предлог Закон за докторска дејност поради негативното искуство во усвојување суштински промени корисни за своите членови при јавните и собраниски расправи, уште помалку забелешки, доколку предлагачот, Министерството за здравство на почетокот ја отстранил главната придобивка за докторите на медицина која би ја донел Законот за докторска дејност, односно законско дефинирање на основната плата.
  8. Синдикатот на Клинички центар очекуваше Лекарската комора на Република Северна Македонија, како изготвувач да инсистира во Нацрт Законот_Предлог-Законот за Лекарска дејност да остане утврдената основна плата од 1000 до 1600 евра во денарска противвредност и дека од истото нема да отстапи, а не да реагира со забелешки.

Ја користиме оваа прилика јавно да ги објавиме предлозите и забелешките на Синдикатот на Клинички центар за Нацрт Законот_Предлог-Законот од 28.05.2019 година:

  1. Законот за докторска дејност задолжително да ја утврди основната плата на докторите на медицина со коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти, со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти (или во апсолутни бројки од 1000 до 1600 евра во денарска противвредност).

Тие наведуваат дека доколку Законот за докторска дејност не ја вклучи оваа забелешка, Синдикатот на Клинички центар ќе го смета донесениот Закон за докторска дејност како непотребен за докторите на медицина.

  1. Законот за докторска дејност да ја направи конкуретна дополнителната работа за вработените во јавното здравство споредено со приватното здравство.
  2. Согласно стресната и одговорна работа, и последиците по здравјето на докторите да се одреди бенефициран стаж за докторите на медицина (истото во Законот за здравствената заштита да се одреди и за останатиот здравствен персонал, или може во тој Закон да се уреди за сите здравствени работници).
  3. Да не се менува звањето доктор на медицина и да се исфрли од Нацрт Законот_Предлог-Законот звањето лекар на медицина.

На крајот истакнуваат дека Синдикатот на Клинички центар е задоволен од јавно изнесениот став на Лекарската комора на Република Северна Македонија за утврдување на основната плата на докторот на медицина од 1000 до 1600 евра во Законот за докторска дејност, став кој е во целост идентичен со ставот на Синдикатот на Клинички центар.
„Синдикатот на Клинички центар ги подржува сите чинители кои ќе учествуваат во изработката и донесувањето на Закон за докторска дејност со на овој начин утврдена основна плата за докторите на медицина“, додаваат од синдикатот.

Извор: Работник, 12.06.2019 година

Пребарување