Роднини на пациентка физички нападнале лекарка на Клиниката за неврологија

27.06.2019

На Клиниката за неврологија вербално и физички била нападната лекарка од страна на роднини на пациентка која во тој момент била донесена на прием, дознава НОВА. Инцидентот се случил вчера во 15 часот и 15 минути, кога со возило на Итна медицинска помош била донесена повозрасна пациентка со мозочен удар. Информацијата за НОВА ја потврди и директорот Иван Барбов.
По прегледот во Ургентен центар, пациентката била пратена на Неврологија. Според Барбов, роднините започнале да се однесуваат агресивно, да снимаат со мобилни телефони, да викаат по лекарката веднаш да биде прегледана, што лекарката која тогаш дошла на дежурство, тоа и го сторила. При таа расправија една од роднините и удрила шамар на дежурната докторка, по што интервенирала полиција.
„Роднините беа агресивни и ја нападнаа дежурната лекарка и вербално и физички. Една од придружничките во еден момент и удрила шамар на лекарката, по што бев повикан јас, а веднаш интервенираше и полицијата при што беше направен записник за случајот. Лекарката беше испратена во Ургентен центар, а сега се наоѓа на боледување. Нејзиното дежурство го превзедов јас, пациентката беше прегледана, снимана и беше дадена соодветна терапија со препорака дека треба да биде задржана во болница. Но, семејството не се согласи, со потпис си ја земаа и не дозволија да остане на клиниката “, изјави за НОВА, Иван Барбов директор на Клиниката за неврологија.
Инцидентот се случил во приемното одделение на Клиниката за неврологија. Барбов вели дека за случајот ќе ја известат и Лекарската комора на РСМ.

Извор: Нова ТВ  June 27, 2019-12:31 pm

Пребарување