SDK.MK: Луѓето со крвна група А се под ризик да развијат најтешка форма на Ковид-19, вели Професорот Димитар Ефремов од меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст

Професорот д-р Димитар Ефремов, кој раководи со Одделот за молекуларна хематологија на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија, изминатите два месеца е вклучен во истражувањата на КОВИД-19, а иницираше и соработка со негови поранешни колеги од Медицинскиот факултет од Скопје, пред сè, д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.

„КОВИД-19 е болест која има неколку фази, а секоја фаза има свои специфики и бара различен тип на интервенција. Во првата фаза има само инфекција на горните респираторни патишта со која имуниот систем кај најголемиот дел пациенти успева релативно лесно да се справи. Меѓутоа, кај 10-20% од пациентите имуниот одговор е неадекватен и болеста прогресира во втората фаза каде има зафаќање на белите дробови, а кај околу една третина од овие пациенти болеста преминува во третата фаза каде има прекумерна реакција на дел од имуниот систем и поради тоа попуштање на бројни органи. Секоја од овие фази бара различен терапевтски приод. За првата и втората фаза најкорисни се лекови кои го успоруваат размножувањето на вирусот, како што е лекот ремдесивир кој беше одобрен за употреба пред неколку недели, а во третата фаза лекови кои ја намалуваат прекумерната активација на имуниот систем, како што се тоцилизумаб, руксолитиниб или дексаметазонот за кој видов дека се пишуваше и во нашите медиуми. Целта на нашите истражувања е да утврдиме зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со инфекцијата во почетните фази и дали тоа може да се предвиди и евентуално да се интервенира. За таа цел испитуваме два сегменти од имуниот систем. Едниот се таканаречените природни антитела, тоа се вид на антитела кои се во состојба да неутрализираат различни вируси и кои имуниот систем ги произведува независно од претходни инфекции или вакцинации, а вториот сегмент се цитотоксичните Т лимфоцити, тоа се клетки чија функција е да ги убиваат инфицираните клетки и на тој начин да спречат инфекцијата понатаму да се шири. Иницијалните испитувања покажуваат одредени промени кои евентуално би можеле да предвидат прогресија во напреднатите фази, меѓутоа за подефинитвни резултати ќе бидат неопходни барем уште неколку месеци интензивна работа“, објаснува Ефремов.

„Има некои студии кои сугерираат дека овие антитела, покрај тоа што се врзуваат за различни типови на вируси, се врзуваат и за еритроцити од крвната група А и затоа организмот овие антитела мора да ги отстрани. Бидејќи овие антитела не се врзуваат за еритроцити од нултата крвна група, кај овие лица нивото на ваквите антитела во крвта е многу повисоко. Инаку, вакви антитела произведуваат и малигните лимфоцити кај хроничната лимфоцитна леукемија, која е болеста на која најмногу работев во последниве 25 години. Од таму произлезе и идејата за нашите студии на КОВИД-19. Во однос на можностите овие сознанија да се искористат за терапевтски цели, ние моментално работиме на продукција на неколку такви антитела и верувам дека за неколку недели ќе бидеме во состојба да испитаме дали овие антитела можат да го неутрализираат вирусот, односно да го оневозможат неговото влегување во клетките. Доколку ова се потврди, би се отворила можност за употреба на вакви антитела за терапија. Исто така, терапевтски импликации имаат и студиите со цитотоксичните Т лимфоцити, бидејќи доколку се потврдат иницијалните резултати добиени во соработка со Клиниката за хематологија во Скопје, ќе има можност кај некои пациенти да се интервенира со лекови кои се во состојба да ја зголемат активноста на овие клетки. Веќе постојат неколку такви лекови кои се употребуваат во третманот на некои малигни болести. Кај КОВИД-19 проблемот е што постои ризик од прекумерна активација на имуниот систем што исто така може да доведе до значајни оштетувања на организмот. Затоа, при клинички испитувања со вакви лекови ќе биде неопходна голема претпазливост и детално познавање на состојбата на секој поединечен пациент“, вели Ефремов.

„Понови истражувања на промените кои настануваат во белите дробови на пациентите починати поради КОВИД-19, вклучувајќи и една сè уште необјавена студија од мојот центар, укажуваат дека меѓу најдраматичните оштетувања кои настануваат во белите дробови се оштетувања во крвните садови. Причина за тоа е што вирусот ги инфицира и клетките кои ги обложуваат крвните садови, што доведува до формирање на микротромбови и запушување на крвните садови. Со оглед да крвните садови кај пациентите со кардиоваскуларни болест и дијабет се веќе оштетени поради овие болести, ризикот да се јават вакви микротромбови е многу поголем. Покрај ослабнатиот имунитет, претходни оштетувања на крвните садови се веројатно главната причина за многу поголемата смртност кај повозрасните во однос на помладите пациенти. Исто така, ова е веројатно и причината за поголемата смртност кај мажите, со оглед на поголемата зачестеност на кардиоваскуларните болести во машката популација“, објаснува Ефремов.

На прашањето зошто кај некои млади луѓе доаѓа до тешка форма на болеста, тој вели дека во последните неколку недели биле објавени неколку студии кои ја испитуваат асоцијацијата помеѓу одредени генетски варијанти и тежината на клиничката слика и покрај поврзаноста со крвната група А, била утврдена и поврзаност со уште неколку генетски фактори, меѓу кои повеќето се инволвирани во регулацијата на цитотоксичните Т лимфоцити. Присуството на некои од тие генетски фактори, а особено комбинација на неколку такви генетски фактори, може да објасни зошто некои млади луѓе имаат тешка форма на болеста, вели тој.

Целата содржина прочитајте ја тука

Извор: Сакам да кажам.мк   05.07.2020