Прекин на Договорот за вработување поради возраст

Предмет: Барање за мислење за прекин на Договорот за вработување поради возраст

Со Ваше Барање се обративте до Комисијата за прописи и правни прашања (во понатамошниот текст: Комисија) на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетски клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (во понатамошниот текст: синдикат) со барање за мислење во врска со прекин на Договорот за вработување поради возраст.  

Во Законот за работните односи се утврдени и уредени повеќе и различни основи и услови за престанок на работниот однос.

Еден од основите за прекин на Договорот за вработување е и поради возраст на работникот.

Во член 104 од ЗРО е утврдено дека на работникот му престанува работниот однос и со прекин на Договорот за вработување поради возраст на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.

Овие услови се исти, односно се однесуваат и на работник (маж) и на работник (жена).

Во врска со ова е донесена и Одлука од страна на Уставниот суд на РСМ според која на работничката и престанува работниот однос поради возраст под исти услови како и на работникот маж.

Основата на наведеното законско решение во членот 104 од Законот за работните односи се темели на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви во слободите и правата независно и од полот.

Тоа произлегува и од принципот на еднакви можности и еднаков третман на жените и мажите во врска со откажување на Договорот за вработување, вграден во член 6 од ЗРО, согласно одделните директиви на ЕУ транспонирани во Законот за работните односи.

Уставниот суд на РСМ на 29.6.2016 година донесе Одлука У бр. 114/2014, објавена во „Службен весник на РСМ“ бр. 134/2016, според која условите за продолжување на Договорот за вработување по навршување на 64 години возраст се исти и за работник (маж) и за работник (жена).

Одредбата на членот 104 од Законот за работните односи е променета со Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи извршени во месец јули 2021 година објавени во „Службен весник на РСМ“ бр. 151 од 06.07.2021 година.

Според измените на Законот за работните односи (Службен весник на РМ, бр. 151 од 06.07.2021 година) работодавачот го прекинува Договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон не е поинаку уредено.

Овие услови важат и се однесуваат на сите работници, независно дали станува збор за работник (маж) или работник (жена). Тоа значи дека работодавачот и на работник (маж) и на работник (жена) го прекинува Договорот за вработување кога ќе наполнат 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.        

Со измените на Законот за работните односи укинати се одредбите од членот 104 кои се однесуваат на продолжување на Договорот за вработување по наполнети 64 години возраст.

Според член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните
односи (Службен весник на РМ, бр. 120 од 29.6.2018 година) ставот 3 од членот 104 се менува и гласи „Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината во која ги исполнува условите од ставот (1) на овој член. За секое натамошно продолжување на Договорот за вработување од ставот (2) на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината за која се бара продолжување на договорот за вработување.”

Според измените на Законот за работните односи  (Службен весник на РМ, бр. 151 од 06.07.2021 година) согласно член 2 став 1 за поднесените изјави за продолжување на Договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат претходните одредби од ЗРО, со тоа што овие договори за вработување, согласно став 2 од членот 2  важат до истекот на времето за кое се продолжени, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.

Според член 7 од Законот за изменување на Законот за работните односи (Службен весник на РСМ, бр. 267 од 11.09.2020 година) во членот 265 е утврдена „глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на микро и мал работодавач-правно лице, глоба во износ од 300 до 600 евра во денарска противвредност на среден работодавач-правно лице, глоба во износ од 600 до 1.000 евра во денарска противвредност на голем работодавач-правно лице, покрај другото и доколку „не го продолжи Договорот за вработување од членот 104 од ЗРО“.               

Според член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување „Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот
(маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж“.

Имајќи го предвид наведеното Комисијата е на следното

МИСЛЕЊЕ

Престанокот на работниот однос со прекин на Договорот за вработување поради возраст на работникот утврдени во член 104 од Законот за работните односи не треба да се  поистоветуваат со Законот за пензиското и инвалидското осигурување во кој се утврдени условите за остварување право на старосна пензија.

Со овој Закон работничка може да оствари право на старосна пензија со наполнети 62 години возраст, за разлика од работник маж кој остварува старосна пензија со навршени 64 години возраст.

Според тоа работничката според Законот за пензиското и инвалидското осигурување по нејзин избор може да оствари старосна пензија со навршени 62 години возраст  и 15 години пензиски стаж.

Остварување на правото на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по нејзин избор и желба го остварува со поднесување на барање до работодавачот во кое наведува дека сака да оствари право на старосна пензија со навршени 62 години возраст и од кога сака да и престане работниот однос, заради отпочнување и спроведување на постапка за остварување на право на старосна пензија.

Работодавачот не може да донесе решение за престанок на работниот однос на работничка која наполнила 62 години возраст, без претходно поднесено барање и согласност од страна на работничката.    

Доколку работничката не сака да ја користи оваа законска можност, таа останува во работен однос под истите услови како и работник маж, согласно член 104 од Законот за работните односи, односно со наполнување на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж за кое нешто нема потреба да го извести работодавачот, ниту има потреба да поднесе барање до работодавачот за продолжување на Договорот за вработување до наполнети 64 години возраст.    

Од наведеното произлегува дека работодавачот не може да го ускрати правото на работничката да оствари старосна пензија со навршени 62 години возраст  и 15 години пензиски стаж, ниту има право да и го ускрати нејзиното право да остане во работен однос и по наполнети 62 години возраст до навршување на 64 години возраст.

Правото на избор е на работничката. Таа сама одлучува дали ќе оствари право на старосна пензија со 62 години возраст или со 64 години возраст како и работникот (маж).

 Работникот (маж) и работникот (жена) доколку сакаат да го продолжат Договорот за вработување по наполнети 64 години возраст доставуваат писмена изјава до работодавачот најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината во која ги исполнувааат условите за прекин на договорот за вработување поради возраст.  

Работодавачот е должен по дадената изјава да го продолжи договорот за вработување.

Договорот за вработување по наполнети 64 години возраст важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.  

 

                                                        Комисија за прописи и правни прашања

  на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри,  клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија