Германија – Македонија 1 : 2

ССКЦ: Вие сте нашите херои

Самостојниот синдикат на клинички центар на фудбалерите и на стручниот штаб на фудбалската репрезентација на Македонија им ја честита победата над четирикратниот светски и трикратниот европски шампион, Германија во Дуизбург.

Целиот натпревар го игравте храбро и во ниту една минута не покажавте колебливост пред светската фудбалска велесила. 

Со големо срце, храброст, заедништво и верба  во себе докажавте дека и највисоко поставените цели и желби можат да станат реалност.

Не обрнувајте внимание и не трошете енергија со некои случајни и минливи луѓе во македонскиот фудал со епизодна улога во настаните. Тие тоа не го заслужуваат и не се достојни Вашите успеси да ги споделувате со нив. Успесите Ваши се за нас, а на нив им се поклонуваат и најголемите.

Делата Ваши се вечни и трајни. За нив се зборува сега, а ќе се зборува и во иднина. За нив ќе раскажуваат и ќе се потсетуваат идните генерации, како едни од најсветлите моменти на македонскиот фудбал. Само продолжете.

Со оваа голема победа не само што ги израдувавте граѓаните на Македонија во ова тешко време, туку им влеавте надеж и верба во подобра иднина.

Целиот македонски народ без оглед на етничката, верската, партиската и било каква друга припадност е со Вас.             

Она што особено фасцинира во Вашата работа и пристап е посветеноста, сплотеноста, заедништвото и вербата во успех, без оглед на етничката, верска, партиска и било каква припадност во настапите за репрезентацијата на Македонија.     

На овој начин на дело го покажувате единствениот можен начин за успешна работа на секоја институција во РС Македонија.

Заедништвото и сплотеноста на своите членови е едно од основните начела и во работата на ССКЦ.

Со Вашите успеси, на членовите на ССКЦ, и на сите вработени во јавните и приватните  здравствени установи во РС Македонија ни давате дополнителен мотив и енергија да заедно со граѓаните ја добиеме битката  со пандемијата со Ковид-19.

ВИ БЛАГОДАРИМЕ.

ССКЦ   31.03.2021 год.