Престанок на работниот однос поради возраст спротивно на законот

На работникот му престанува работниот однос и со прекин на Договорот за вработување поради возраст на работникот.

Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на РСМ“ бр. 151 од 06.07.2021 година), членот 104 од Законот за работните односи се менува и гласи: „Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е утврдено.“.

Овој услов и основ за престанок на работниот однос поради возраст важи, се однесува, и за  работник маж и за работник жена.

Според член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на РСМ“ бр. 151 од 06.07.2021 година) за поднесените изјави за согласност за продолжување на Договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од претходната одредба на членот 104 од Законот за работните односи, а во ставот 2 на член 2 од истиот закон е утврдено дека на работниците кои поднеле изјави за продолжување на Договорот за вработување до  31 август 2021 година, Договорот за вработување им важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30.06.2022 година.

Согласно исклучокот што е даден со членот 104 од Законот за работните односи извршени се измени во Законот за здравствената заштита.

Основ за продолжување на работниот однос на здравствените работници и здравствените соработници произлегува од измените и дополнувањата на член 104 од Законот за работните односи („Службен весник на РСМ“ бр. 151/2021), кој дава основ и можност за исклучоци од утврденото правило во овој член.

Ваквата можност за продолжување на работниот однос на здравствените работници и соработници е утврдена во измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита со новиот член 204-а („Службен весник на РСМ“ бр. 178 од 04.08.2021 година).

Ставот 1 од членот 204-а утврдува дека „заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник, односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на Договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнува условите за стекнување на старосна пензија, најмногу до 67 години возраст“, а ставот 2 од истиот член утврдува дека одлуката на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник, односно здравствениот соработник ја потврдува министерот за здравство.

Право на продолжување на работниот однос до најмногу 67 години возраст  имаат сите здравствени работници и соработници од јавните и приватните здравствени установи, согласно прописите за работните односи.

Предуслов за остварување на тоа право е давањето претходна согласност за продолжување на работниот однос од страна на работникот упатено до работодавачот, односно директорот/ите на здравствената установа во која е вработен, врз основа на која согласност на работникот работодавачот донесува одлука за продолжување на работниот однос.

Донесената одлука е предмет на потврдување од страна на министерот за здравство.

Согласноста за продолжување на Договорот за вработување е право на здравствениот работник, односно соработник, а не на директорот/ите на установата или министерот за здравство.

Директорот донесува само одлука за продолжување на Договорот за вработување, а министерот ја потврдува одлуката.

Имајќи го предвид наведеното, за да се оствари правото на продолжување на Договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник до 67 години возраст, работникот треба да го искаже својот интерес преку доставување на писмена согласност до директорот на здравствената установа за продолжување на Договорот за вработување (во два архивирани примероци, од кои едниот архивиран примерок работникот го задржува кај себе). Тоа е првиот иницијален акт со кој започнува постапката за продолжување на Договорот за вработување. За таа цел е потребно, доколку работникот сака да му се продолжи Договорот за вработување, писмената согласност треба да ја достави до директорот на здравствената установа пред работникот да наполни 64 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж.

Законот не предвидува право на директорите на здравствените установи и министерот за здравство да донесат одлука за прекин на работниот однос на оваа категорија работници, кои дале согласност за продолжување на Договорот за вработување најмногу до 67 години возраст.

Донесувањето на одлука за прекин на работниот однос на овие работници од страна на директорот на здравствената установа (со негова одлука или по препорака на министерот за здравство) е спротивна на законот. Истовремено, ваквата одлука без законски јасно утврдени критериуми остава простор за носење селективни и дискриминаторски одлуки.

Здравствените работници и соработници кои дале писмена согласност за продолжување на работниот однос најмногу до 67 години возраст и на кои им е врачена одлука за престанок на работниот однос поради навршување на 64 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж, во законски предвидените рокови имаат право да бараат заштита кај работодавачот, кај Државниот инспекторат за труд, кај Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен  и имаат право на судска заштита.

Врз основа на доставената писмена согласност од страна на работникот за продолжување на работниот однос најмногу до 67 години возраст, а има најмалку 15 години пензиски стаж, директорот на здравствената установа донесува одлука за продолжување на Договорот за вработување и ја доставува на потврда до министерот за здравство.

Согласно Одлуката 1948. на Собранието на Република Северна Македонија донесена на седницата одржана на 27 јуни 2022 година кризната состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија се продолжува до 31 Декември 2022 година (Службен весник 28 јуни 2022 Бр. 146 – Стр. 2).

Според став 3 од член 281-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (Сл. Весник број 77 од 06 Април 2021) за времетраење на вонредните услови или кризната состојба се одложува започнувањето на постапките за престанувањето на вработувањето по сила на закон, со престанок на договорот за вработување или договорот за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, поради возраст и се одложуваат започнатите постапки за  престанок на договорот за вработување или договорот за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, кој во периодот на траење на вонредните услови или кризната состојба исполнува услови за стекнување на право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно кога ќе наполни 64 години возраст или кога со писмена изјава до работодавачот ќе побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст согласно со Законот за работните односи.

Доколку согласноста на здравствениот работник, односно соработник не биде прифатена, односно работникот не го оствари правото на продолжување на работниот однос согласно законот, заштитата на своите права треба да ја оствари преку подолу наведените надлежни  институции:


1.

Преку ЗДРАВСТВЕНАТА УСТАНОВА  до ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ВО УПРАВНА ПОСТАПКА И ПОСТАПКА ОД РАБОТЕН ОДНОС ВО ВТОР СТЕПЕН 

Според став 1 од член 207 од Законот за здравствената заштита, „против решението за престанок на вработувањето здравствениот работник, односно здравствениот соработник има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението преку здравствената установа до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

Според став 2 од член 208 од Законот за здравствената заштита, „здравствената установа  е должна жалбата, со придружните списи, да ја достави до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата“.

Според став 2 од член 207 од Законот за здравствената заштита, „Одлуката по жалбата органот кој одлучува во втор степен ја носи во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата“.

Според став 3 од член 207 од Законот за здравствената заштита, „Жалбата го одлага извршувањето на решението за престанок на вработувањето до донесувањето на конечното решение по жалбата“.


2. 

НАДЛЕЖЕН СУД   

Според став 1 од член 209 од Законот за здравствената заштита „здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој не е задоволен од конечната одлука донесена од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред НАДЛЕЖНИОТ СУД“, а според став 2 од истиот член „здравствениот работник, односно здравствениот соработник не може да бара заштита на правото пред надлежен суд, ако претходно не барал заштита на правото пред Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, освен за правото на парично побарување“.


3. 

ДРЖАВЕН ИНСПЕКТОРАТ ЗА ТРУД

(СЕКТОР ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ОД ОБЛАСТА НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ)   

Според став 1 од член 262 од Законот за работните односи „ако инспекторот на трудот  утврди дека со конечна одлука на работодавачот е повредено право на работникот, на барање на работникот, со решение ќе го одложи извршувањето на таа одлука, ако работникот завел работен спор до донесувањето на правосилна одлука на судот.

Според став 2 од член 262 од Законот за работните односи „работникот од ставот (1) на овој член, барањето до инспекторот на трудот може да го достави во рок од 30 дена од денот на поведувањето на работниот спор пред надлежниот суд.

Според став 3 од член 262 од Законот за работните односи „против конечното решение на инспекцијата на трудот од ставот (1) на овој член не може да се покрене управен спор“.

Според став 1 од член 263 од Законот за работните односи „против решението на надлежниот инспектор, донесено согласно со членот 262 од овој закон, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до надлежниот орган за одлучување во втор степен, согласно со закон, а според став 2 од членот 263 од Законот за работните односи „жалбата против решението од ставот (1) на овој член не го одлага извршувањето“.

По потреба здравствениот работник во заштита на своите права може да се обрати и до следните институции:


4.

КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА 

Комисијата за заштита од дискриминација како самостоен и независен орган работи во согласност со надлежностите утврдени со закон, кои покрај другите се и следните:
  • постапува по претставки, дава мислење и препораки за конкретните случаи на дискриминација;
  • на подносителот на претставката му дава информации за неговите права и можности за покренување на судска или друга постапка за заштита;
  • покренува иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторени повреди на овој закон;
  • ја информира јавноста со случаите на дискриминација и превзема активности за промоција и едукација на еднаквоста, човековите права и недискриминација;
  • дава препораки на државните органи за преземање на мерки за остварување на еднаквоста;

5.

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ  

Народниот правобранител или Омбудсманот е специфичен, посебен, стручен и независен орган со овластувања за заштита на правата на граѓаните, што значи не е законодавно тело, извршна ниту судска власт, а уште помалку државен обвинител или орган на инспекција и надзор.

Методот и начинот на дејствување на Народниот правобранител се состои во давање предлози, совети, сугестии, соработка, подучување, умешност да се сослуша човекот и правовремено да дејствува во насока за остварување на правата на граѓаните.

Народниот правобранител како носител на функцијата е  транспарентен, а  канцеларијата во секој момент е отворена и достапна за секој граѓанин на Република Македонија или секое друго лице.


6.

ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА 

Хелсиншкиот комитет за човекови права врши мониторинг на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош, соработува со други организации и со државните органи во насока на зголемување на промоцијата, почитувањето и заштитата на човековите права и слободи.

Цел на Комитетот е заштита и унапредување на човековите права и слободи гарантирани со Уставот на СРМ, меѓународните инструменти и Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година и градење на демократски услови во кои тие можат да се практикуваат врз основа на владеење на правото.

Комитетот поаѓа од тоа дека сите луѓе треба да имаат можност да ги уживаат и практикуваат нивните основни права и слободи и да имаат можност да ги заштитат во случај на нивно прекршување или ограничување. Ова претставува основа на владеењето на правото, човековите права и демократијата.

Во настојувањето за унапредување и заштита на човековите права и хармонизирање на домашното законодавство и практика со она на Европската унија, Хелсиншкиот комитет:

  • организира системско набљудување на состојбите со човековите права во земјата,
  • обезбедува бесплатна правна помош и ги штити индивидуалните, колективните и правата на другите правни субјекти на територијата на Република Северна Македонија и пред меѓународни организации.

Напомена:

Здравствените работници и соработници кои наполниле 64 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж заклучно со 30.06.2022 година, барањето односно писмената согласност до директорот на здравствената установа за продолжување на Договорот за вработување (во два архивирани примероци, од кои едниот архивиран примерок работникот го задржува кај себе) треба да го достават во периодот од 01.09.2021 година, а најкасно до 30.06.2022 година.

Здравствените работници и соработници кои наполниле 64 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж после 30.06.2022 година, барањето односно писмената согласност до директорот на здравствената установа за продолжување на Договорот за вработување (во два архивирани примероци, од кои едниот архивиран примерок работникот го задржува кај себе) треба да го достават најкасно до денот на наполнување 64 возраст и најмалку 15 години пензиски стаж.

Скопје, 15.06.2022 година

Комисија за прописи и правни прашања на ССКЦ

Scroll to Top