Довербата и взаемната почит на релација лекар –пациент е основата на која треба да се градат вредностите на здравствениот систем. Потребна е добра медиумска подршка за пациентите да разберат дека не се сите доктори корумпирани, туку можеби многу мал дел, дека имаме многу квалитетни доктори и дека докторот не е нивен непријател – вели во интервју за Фактор,
д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот Синдикат на Универзитетски клиники.
Истовремено вели, на пациентите треба да им е јасно дека докторот не е семоќен и дека и покрај неговите желби и залагања лекувањето не е секогаш успешно. Притоа само задоволен доктор може да пружи квалитетна услуга, а без задоволен доктор не може да има задоволен пациент.
Затоа, додава д-р Беговиќ, неопходно е итно донесување на Закон за доктори, кој покрај другото, во себе треба да вклучи квалитетни права и заштита на докторите и одредување на достоинствена минимална плата, бидејќи лекарската дејност која изискува големи стручни познавања, истовремено е една од најсложените и најодговорни струки која треба да се валоризира и правилно да го вреднува нивниот труд и достоинство.
Беговиќ во интервјуто, отворено говори за причините за одлив на лекарите, за маните на здравствените реформи, за „Мој Термин“ и „Плата по учинок“.
Фактор: Деновиве има големо единство помеѓу лекарската фела но и медицинскиот персонал по немилиот инцидент на Клииката за дигестивна хирургија кога беше повреден ваш колега. Покрај осудата за настанот на површина излегоа и проблемите кои допринесоа со недоверба да се гледа на здравствениот систем и работата на лекарите. Што добивме, а што изгубивме со вака спроведените здравствени реформи и колку секоја од нив влијае на вашата работа?
Д-р Беговиќ: Од овие реформи во целина гледано изгубија и пациентите и здравствените работници и соработници. Здравствениот систем се базира на три столба. Првиот се пациентите, вториот докторите и останатиот здравствен персонал и третиот е здравствениот буџет, односно опременоста на Јавните здравствени установи (ЈЗУ) со квалитетни дијагностички и терапевтски средства и квалитетна болничка услуга.
Ресорното Министерство својата здравствена политика која ја нарече пациент-центричен систем, ја засноваше на пациентот и инвестицијата во материјално-техничките средства. Изготви Закон за правата на пациентите, а истовремено за да пациентите ја разберат грижата за нив почна со невидена медиумска кампања во која како главен кривец беше посочен здравствениот персонал, особено докторите.
Се поставија камери за контрола на здравствениот персонал, со претпоставка дека поголемиот број од докторите се корумпирани. Се воведе 24 часовна отворена телефонска линија за пријавување на корупција. Јавните здравствени установи се облепија со пароли НЕ ПРИМАМ МИТО!!!
Од самиот Министер почнаа контроли на здравствениот персонал, со проверки на докторот како ја обавува својата работа во раните утрински часови, до утврдување на хигиената во ЈЗУ. Јавните здравствени установи беа опседнати со постојани контроли од Државниот санитарен инспекторат, со казни или закани за казни до ЈЗУ или здравствениот персонал. Се зголеми обемот на административната работа, па ЈЗУ беа принудени да одвојат дел од здравствените работници да ја исполнат таа обврска.
Со измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита од 2014 година се воведоа картички за контрола на здравствениот персонал, видео контрола на полагање на испити на специјализантите со истовремен приказ на интернет во живо, уценувачки договори за покривање на трошоците на специјализацијата од работа во ЈЗУ до 15 години по специјализацијата или 10-кратен повраток на материјалните средства. Се воведе задолжителна едукација на докторите во странство, независно од нивната возраст и стручност. Измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита обилуваа со термините: “Докторот е должен“, “Докторот ќе се казни“,“ЈЗУ ќе се казни“, при што казните изнесуваа и до 15000 евра.
Се случи и тотална девалвација на нивното знаење и труд и тежината на нивната работа, преку компарација на видео игра со оперативен третман.
Инвестицијата во опремата исто така, беше проследена со силна медиумска поткрепа.
Фактор: Каде ги лоцирате проблемите за нарушениот однос лекар-пациент и како треба да се гради довербата?
Д-р Беговиќ: Пораката која Министерството сакаше да ја упати за грижата кон пациентите, кај дел од нив беше погрешно разбрана дека докторите и здравствениот персонал се недоволно едуцирани, корумпирани, неодговорни и непријателски настроени кон нив и се главни виновници за несаканиот исход во лекувањето на пациентот. Дел од пациентите и нивните блиски роднини станаа агресивни кон докторите, крајно дрски и невоспитани.
Сето тоа створи огорченост и чувство на омаловажување и деградирање кое се јави кај докторите и здравствениот персонал, кои останаа запоставени во целиот тој систем.
Крајно, се изгуби природната симбиоза помеѓу докторот и пациентот што создаде неповерливост и непријателски однос на дел од пациентите кон докторите.
Докторите станаа демотивирани и се чувствуваа дека системот ги поставил само како извршители на услугите кон пациентите.
Извор: Фактор.мк 16.11.2015