Прим. д-р Ангел Саздовски е еден од 80-те специјалисти на кои утре можеби ќе им биде последен работен ден пред пензионирање во Клинички центар, бидејќи до сега договорите не им се продолжени. Со Законот 204А за здравствена заштита донесен за време на пандемија, заради недостаток на медицински кадар, се овозможи продолжување на работниот однос од 64 на 67 годишна возраст. Но, овој закон погрешно се толкува од страна на Министерството за здравство, па наместо специјалистите да изберат дали ќе продолжат со работа по 64-тата година, МЗ одлучува по непознати критериуми, велат од синдикатот на Клинички.
„Ние сметаме дека овој закон овозможува по автоматизам продолжување е на работниот век до 67 години. Меѓутоа оние кои го донеле законот, здравствените власти, го толкуваат на сосема поинаков начин. Односно како што нив им е во интерес. Ова нивно толкување остава сомнеж за селективно толкување на законот, т.е субјективно одредување на оние на кои ќе им биде продолжен работниот век и на оние на кои ќе им биде скратено тоа право“, вели д-р Ангел Саздовски.
Да потсетиме, како што објави ТВ21 пред неколку месеци околу 800-тини лекари за пет години заминале во странство на работа. Во приватните клиники има специјалисти кои и во седмата деценија од животот активно работат. Специјалисти не се создаваат преку ноќ, за тоа се потребни повеќе години.
„Губат можност за користење на искусен здравствен персонал, бидејќи со пензионирањето на голем број здравствени работници, вклучено и доктори се губи не само бројката, туку едно колективно искуство кое со години е стекнувано. Не гледам причина зошто тој капитал граѓаните да не го искористат“, посочи д-р Ангел Саздовски.
Од Министерството за здравство велат дека ги разгледуваат барањата на на специјалистите и во наредните денови ќе ги известат во однос на продолжувањето на работниот однос. А во однос на критериумите еве што ни одговорија:
„Од страна на стручните служби се вршат анализи во консултација со Управата за електронско здравство за обемот на работен ангажман кој до сега го имале докторите као и врз основа на момeнталната екипираност со кадар во конкретната установа“, вели Министерство за здравство.
Тенденцијата е велат да се остави простор за унапредување на помладите доктори велат МЗ што од Сндикатот го гледаат како партиски вработувања.
Извор: ТВ 21