Средба со Министерот за здравство: Фокус на подобрување на условите за работа во здравствениот сектор

На денешната работна средба со Министерот за здравство, претставници на ССКЦ ги презентираа најзначајните предизвици со кои се соочуваат здравствените работници. Разговорот се водеше во конструктивна атмосфера, со заедничка заложба за наоѓање решенија по следниве клучни прашања:

1. Проблемот со паркингот во Кампусот „Мајка Тереза“

Беше истакнат сериозниот недостаток на паркинг-места за вработените во здравствените установи во рамки на кампусот, како и реакциите што произлегоа по неодамнешните медиумски изјави во врска со новиот модел на наплата. Претставниците побараа заеднички институционален пристап за конечно решавање на овој децениски проблем, со цел да се обезбедат правични и одржливи услови за сите засегнати страни.

2. Работната група за Колективниот договор

Потврдено е дека работната група е формирана, но беше нагласена потребата од интензивирање на процесот. Колективниот договор претставува суштински документ за регулирање на работно-правниот статус и унапредување на условите за работа на здравствените работници. Се бара појасна динамика и заеднички ангажман за што поскоро финализирање и потпишување на новиот договор.

3. Иницијатива за формирање работна група за бенефициран стаж

Посочени се нејаснотии и неконзистентности во постојните критериуми за признавање бенефициран стаж, особено кај медицинскиот и техничкиот кадар кој работи во ризични услови.
Предложено е формирање нова работна група со претставници од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Фондот за ПИОМ. Дополнително, побарана е изработка на нов правилник со јасни критериуми, како и анализа на претходни случаи каде постои сомнеж за неправедно изоставување.

Оваа средба претставува значаен чекор кон системско решавање на повеќегодишни проблеми и придонесува за продлабочување на соработката помеѓу Министерството и здравствените работници.

Средбите и консултациите со Министерството за здравство ќе продолжат и во наредниот период, со заедничка цел – подобрување на условите за работа и унапредување на здравствениот систем во целина.

Scroll to Top