КОМИСИЈА ЗА ПРОПИСИ И ПРАВНИ ПРАШАЊА НА ССКЦ

Исплата на минимална плата

Предмет: Мислење за исплата на минимална плата

Членот 107 од Законот за работните односи гласи „Платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од минималната плата утврдена според закон и колективен договор“.

Членот 2 од Законот за минимална плата гласи „Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време“.

Ставот 1 од членот 3 од Законот за минимална плата гласи „Право на минимална плата, според одредбите од овој закон, имаат сите работници, во висина утврдена согласно со овој закон“.

Членот 4 од Законот за минимална плата гласи

„(1) Исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:

– една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија,
–  една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и                                                                                                                  – една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

(2) Министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економскосоцијалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ усогласена согласно ставот (1) на овој член, во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со платата за месец април во тековната година.“.

Имајќи го предвид наведеното Комисијата е на следното

МИСЛЕЊЕ

Согласно Законот за работните односи платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од минималната плата.

Минималната плата е регулирана со посебниот Закон за минимална плата. Со овој Закон се утврдува висината на минималната плата и другите прашања кои се однесуваат на минималната плата, како најниска цена на трудот.  Право на минимална плата имаат сите работници.

Минималната плата е најнискиот месечен износ на основната плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работата извршена за полно работно време. Ова подразбира дека минималната плата не се однесува и на додатоците за плата и тие во нејзе не треба да бидат вклучени.

Висината на минималната плата во бруто износ ја објавува Министерството за труд и социјална политика во месец март секоја година, која се исплатува со платата за месец април во тековната година.

Според Законот за минимална плата работодавачот е должен на вработените да им ја исплати минималната плата како основна плата. Додатоците на плата се исплатуваат посебно и не се дел од минималната плата.

Доколку работодавачот на вработените не им ја исплатува минималната плата согласно Законот за работните односи и Законот за минимална плата за остварување на своето право, засегнатите работници треба да се обратат до инспекцијата на трудот, која ќе преземе законски мерки за исплата на истата.

Скопје, 07.06.2021 год.

Комисија за прописи и правни прашања на ССКЦ