СТАВ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Новиот Закон за лекарска дејност не носи никакви суштински добивки за докторите на медицина

За Синдикатот на Клинички центар, Нацрт Законот за лекарска дејност кој во основа делува како мешавина на постоечки закони, испреплетен со делови од Хипократовата заклетва има јасна цел за прекумерно давање моќ на Лекарската комора на Република Северна Македонија.

Се работи за лоша копија на претходно изготвениот Предлог Закон за докторска дејност на Лекарската комора на Македонија од 21.04.2016 година и суштински не носи никаква или многу ограничена полза за докторите на медицина, а притоа јасно ги дефинира нивните должности и обврски.

Изготвувачите и предлагачите на овој Нацрт Закон за лекарска дејност, наместо да ја превземат одговорноста и оправдаат доверената улога и чест, избегнаа законски да ја утврдат минималната основна плата за докторите на медицина во јавното здравство со цел да се дефинира нивниот статус во Републиката, многу одамна и силно етаблиран во високоразвиените демократии во светот, и кој докторската фела неспорно го заслужува.

Со ова се отстрани главната придобивка за докторите на медицина од претходно изготвениот Предлог Закон за докторска дејност на Лекарската комора на Македонија од 21.04.2016 година во кој „Основната нето плата се утврдува така што просечната плата во Републиката се множи со коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти,  со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти“.

Со утврдување на законскиот минимум на основната нето плата за докторите на медицина во јавното здравство за да се сочува нивното достоинство и соодветно да се вреднува нивниот труд, првенствена цел за која докторите формирале комора, ќе се дефинираа почетните позиции на синдикатите во преговорите за платите на докторите, кои и понатаму би се одредувале со колективни договори.

Дополнителната дејност и во овој Нацрт Закон за лекарска дејност останува непроменета и неконкуретна на приватното здравство, а за бенефицираниот работен стаж на докторите на медицина ниту збор.

Особено понижувачки и спротивно на дипломата за завршен Медицински факултет и постоечкиот Закон за здравствената заштита, овој Нацрт закон за лекарска дејност докторот на медицина го дефинира како лекар на медицина, звање кое не е препознатливо во високоразвиените земји.

Дали предлагачите и изготвувачите на овој Нацрт Закон за лекарска дејност не знаат или заборавиле дека докторите на медицина во еден поранешен период не ги примаа дипломите со вакво несоодветно звање, и дали мислат дека сега ќе биде поинаку.

Министерството за здравство како предлагач и Лекарската комора на Република Северна Македонија како изготвувачи на овој Нацрт закон за лекарска дејност ја пропуштија можноста и обврската да ги задржат докторите на медицина, кои секојдневно во се поголем број ја напуштаат нашата држава.

На докторите на медицина вака предложен Закон не им е потребен. Синдикатот на Клинички центар има искуство и добро му е познато дека евентуалните измени и дополнувања на овој Нацрт Закон во текот на јавната и собраниска расправа ќе бидат без никаква суштинска добивка за докторите на медицина.

Поради наведеното, Синдикатот на Клинички центар предлага изготвување на нов Нацрт Закон за докторска дејност. Доколку остане овој Нацрт Закон за “лекарска“ дејност, Синдикатот на Клинички центар нема да учествува во јавната и собраниска расправа за негово усвојување.

Скопје, 10.06.2019 година