ИНФОРМАЦИИРАБОТНИК

Во Здравствен дом Скопје не се исплаќа додаток согласно Законот за недела неработен ден

Во Здравствен дом – Скопје не се исплаќа додаток за работа во недела, додека во останатите ова законско решение се почитува. Ова во изјава за порталот Работник го вели Д-р Ангел Панев, Претседател на Синдикатот на Итна медицинска помош – ИМП.

Тој вели дека во здравството примената на законското решение за недела – неработен ден започнала доста проблематично и Јавните здравствени институции не биле спремни да го применат законот од самиот почеток.

Бараа дополнително објаснување за начинот на примена, висината на надоместокот и финансиите кои требаше да се обезбедат од постоечкиот буџет, вели Панев.

По добиените инструкции и реакции од соодветните институции, објасни тој, од март месец постепено започнал да се исплаќа надоместокот според закон, со обврска ретроактивно да се исплати од самиот почеток.

Истакна дека една од ретките здравствени организации кои се‘ уште немаат исплатено надоместок (петти месец по ред) е Здравствен дом Скопје – ЗДС.

Во ЗДС, како една од поголемите Јавно – здравствени установи – ЈЗУ во државата и по број на вработени и по буџетот со кој располага, раководните лица не го почитуваат решението на трудовиот инспекторат, дописите од Министерството за здравство и други соодветни институции, наведе Панев.

На прашањето како Синдикатот за Итна медицинска помош ќе постапи кон овој проблем, Панев вели дека Раководството на ЗДС уште им нема дадено објаснување за овој проблем и покрај нивните писмени и усни барања за средба и решавање на ова многу јасно законско решение. Службата за итна помош Скопје, е најголема во државата, вели тој, со над стотина вработени кои се засегнати со овој проблем, додавајќи дека незадоволството и револтот кулминираат кај нив овој период.

Бараме стриктна примена на Законот веднаш, со ретроактивна исплата на заостанатите обврски. Бараме Министерството за здравство и Министерот лично, своите потчинети во Здравствениот дом Скопје, уште еднаш да ги потсетат на законските обврски. Бараме Владата на Македонија која ги назначува раководителите на ЈЗУ соодветно да го санкционира ова незаконско работење и еклатантно кршење на Закон, вели Панев.

Тој нагласи дека вработените веќе започнале да се консултираат со адвокати за да покренат постапки преку кои ќе ги остварат своите права по судски пат.

Судското решение кое, како што вели, ќе биде во нивна полза, ќе нанесе огромни финансиски последици со камати, адвокатски и судски такси. Тие трошоци, објаснува тој, ќе паднат на товар на здравствениот буџет. Сепак, се надева дека нема да дојде до тоа и дека ќе се надмине овој проблем.

Во здравството додатоците се исплаќаат согласно Законот за работни односи и Колективниот договор. Според Панев, тие генерално се исплаќа. Сепак, иако Колективниот договор за здравство за вработените во Итна медицинска помош предвидува надоместок за работа во организирана единица на ИМП, истиот не им се исплаќа на вработените во домашна посета, ноќните служби и итната стоматолошка служба, кои функционираат во рамките на ИМП.

Според него, овој проблем е долгогодишен и покрај нивната борба за законско решавање, раководството и институциите до денешен ден, останале глуви околу ова прашање.

Посочи дека одредени надоместоци пред повеќе од десет години, заради економската рецесија биле намалени, со ветување дека после извесен период ќе се вратат согласно важечкиот Колективен договор. Сепак, тоа привремено намалување трае до денес и како што вели нема слух за да се реши ниту ова прашање.

Извор: www.rabotnik.com.mk   18.06.2022