СТАВ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Слободен печат: Лекарите невнимателни со опремата или Жарко Караџовски со изјавите?

Епидемиологот доктор Жарко Караџовски вчера рече дека дел од медицинскиот персонал во земјава се заразил со коронавирусот зашто неправилно ракувал со заштитната опрема. Лекарите ова го дочекаа со бурни реакции на негодување.

Лекарите му се налутија на епидемиологот доктор Жарко Караџовски, затоа што на вчерашната информативна емисија рече дека дел од нив не знаат како да ја користат заштитната опрема кога ги лекуваат пациентите од Ковид-19 и дека тоа придонело делумно во процесот да се заразат дел од здравствените работници од коронавирус во земјава. Епидемиологот рече дека, како дел од својот професионален ангажман, последниот месец патувал низ цела Македонија.

– Лично се уверив дека на некои места има непочитување на протоколите за правилно користење или докористување на заштитната опрема, бидејќи лицата што ја носат прават пауза за цигара, па ја користат истата заштитна опрема. Или, несоодветно ја вадат опремата зашто има протокол по кој редослед се вади и се става. За таа цел спроведовме едукација од Клиниката за инфектологија при Медицинскиот факултет во Скопје. Меѓутоа и онлајн може медицинскиот персонал да се запознае како тоа се спроведува. И второ, дружбата на одреден медицински персонал во времето кога не работат со пациенти, пиење кафе, пушење цигара и џафка-муабет од една страна, а од друга страна некои од нив можеби се заразени и во домашни услови. Секогаш го земаме предвид однесувањето на медицинските кадри и во домашни услови, или одење по комшии, во продавница. Постои можност да се заразени и на својата професионална должност, но само ако несоодветно се користи опремата. Зошто немаме заразен ниеден доктор на Инфективната клиника? Затоа што процедурата ја почитуваат стопроцентно – рече доктор Караџовски.

Ваквата изјава предизвика лавина коментари и реакции на негодување од медицинскиот кадар од сите нивоа на здравствената заштита. Медицинарите се навредија, а дел од нив се налутија.

Специјалистот по абдоминална хирургија на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, доктор Горан Беговиќ, за „Слободен печат“ вели дека изјавата на колегата Караџовски е навредлива и понижувачка за здравствените работници.

– Излегува дека сме несовесни и дека тоа била една од причините поради кои сме се заразувале, поради тоа што сме пиеле кафе и сме имале непосреден контакт. Тоа дека не сме се соблекувале и облекувале соодветно е голема навреда за нас. Јас сум хирург 30 години и можам да ви потврдам со сигурност дека не е така. Тоа е нешто што го учиме уште на почетокот. Но, еве да претпоставиме дека има доктори и сестри што се необучени за тоа. Па тие требало да ги обучат, и тоа не со видео обуки, туку на лице место – вели доктор Беговиќ.

Тој смета дека изјавите на Караџовски се неумесни, особено во момент кога здравствените работници се најизложени на инфекција со САРС коронавирусот 2.

– Досега немам слушнато официјално лице кое ја раководи и ја менаџира оваа пандемија во својата држава да даде ваква изјава – додава доктор Беговиќ.

И докторката Гордана Николиќ од Куманово, која беше инфицирана со ковид-19, коментира дека е лично повредена од изјавата на доктор Караџовски.

„Ајде да повториме која маска штити од близок контакт со заболен, а некогаш мора да си блиску. И да повториме дали собите каде што лежат заболените, имаат добра вентилација и проветрување бидејќи болните кашлаат цело време. Не сакам и не смее некој да ме става во неодговорни, тоа е повреда на мојата личност. Може да има пропусти во работата на некои работници во здравство, но не генерализирајте, не плукајте по здравствените работници бидејќи тие се најизложени на ризик при нивната работа. Најдете каде е проблемот и решете го“, напиша доктор Николиќ на својот фејсбук-профил.

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна во интервју ги коментираше оценките како тие на Караџовски.

– Во делот на нормалниот работен процес на лекарите е да знаат како се става и вади опремата. Тоа го има во прва година средно медицинско училиште, како се ставаат стерилни ракавици се учи во прва година средно. Јас верувам дека сето тоа е испочитувано – рече министерот.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 11 април регистрирани се 117 случаи на заболување од коронавирус меѓу здравствените работници.

Извор: Слободен печат