ЗТСП

Прва конференција на Здружението за трудово и социјално право

На 30.10.2019 година во Скопје, со финансиска поддршка од Меѓународната организација на трудот,  се одржа Првата конференција на Здружението за трудово и социјално право.  На конференцијата учествуваа и суштински придонесоа во дискусиите претставници на академската заедница, судии, адвокати, правници, како и претставници на учесниците во трипартитниот социјален дијалог – Владата, организациите на работодавачите и на синдикатите.  На покана и на задоволство на организаторите, на настанот гостуваа и експерти од областа на трудовото и социјалното право од поширокиот регион на југоисточна Европа.

Неопходноста од  детална и темелна ревизија на регулативата од областа на трудовото право и донесување нов Закон за работни односи со кој ќе се пополнат досегашните правни празнини и контрадикторности, а кој истовремено ќе понуди современи решенија кои произлегуваат од развојот на науката и практиката во оваа сфера беше еден од суштинските заклучоци кои произлегоа од дискусиите на конференцијата.  Дополнително, беше акцентирана потребата да се работи многу повеќе на имплементацијата на законите во доменот на работните односи преку зајакнување на социјалниот дијалог и колективното договарање, зголемување на капацитетите и надлежностите на трудовиот инспекторат, како и забрзување на судските постапки за споровите од работен однос и намалување на финансиските трошоци во таквите постапки.  Настанот беше искористен и како можност засегнатите страни да споделат искуства од примената и на други законски прописи, како што се: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници и Законот за социјалната заштита, а се разгледуваа и искуствата на земјите од регионот во областа на работното законодавството и нивното хармонизирање со правото на Европската Унија.

На конференцијата беше промовирана и дигиталната база на податоци – CEELex, која содржи информации за трудовите законодавства на земјите од Централна и Источна Европа.

Извор: МТСП 30.10.2019