АКТУЕЛНОАУДИО И ВИДЕО ПРИЛОЗИНОВОСТИ

ТЕЛМА: Министерот за здравство селективно одлучувал кои доктори ќе се пензионираат, критикуваат од Синдикатот на Клинички центар

Министерот за здравство на мета на фелата.

Синдикалците од Клинички го обвинуваат Беким Сали дека е селективен и дека самиот тој одлучува на кои доктори ќе им дозволи да го одложат пензионирањето најмногу до три години, а чиј работен однос ќе заврши на 64 годишна возраст.

Некои клиники добиле официјално известување потпишано од министерот, дека не се дава одобрение за продолжување на договорот за вработување на здравствен работник, а некаде – спротивното.

Но, законот не му дозволува на министерот да носи такви одлуки, сугерираат од Синдикатот на Клинички центар.

„СЕТО ТОА Е СПРОТИВНО НА ЗАКОНОТ И СИНДИКАТОТ ГИ ПОВИКА СИТЕ ОНИЕ НА КОИШТО НЕ ИМ Е ПРОДОЛЖЕН ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ДА СИ ПОСТАПАТ СОГЛАСНО ЗАКОНСКИТЕ ПРОПИСИ И ДА ПОДНЕСАТ ЖАЛБА ОДНОСНО ПРИГОВОР НА ТАКВАТА ОДЛУКА ДО ЈАВНАТА ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА ЗАТОА ШТО САМО ТАА МОЖЕ ДА НЕ ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ, ОДНОСНО ДИРЕКТОРИТЕ КОИШТО ЈА ЗАСТАПУВААТ ТАА ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА. МИНИСТЕРОТ НЕ МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ПРЕКИН НА РАБОТЕН ОДНОС ЗАТОА ШТО ОВИЕ ВРАБОТЕНИ НЕ СЕ ВРАБОТЕНИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, КАДЕ ШТО ТОЈ Е НЕПОСРЕДЕН РАБОТОДАВАЧ“ ИЗЈАВИ Д-Р. ГОРАН БЕГОВИЌ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР.

Министерството за здравство одговори на овие прозивки од Синдикатот.

Цитираат одредби од Законот за здравствена заштита и велат дека сите одлуки се базирани на потребите од кадар во дадените установи.

Се отвора и патот за младите доктори да си го најдат своето место во болниците.

„КРИТЕРИУМИТЕ ВРЗ ОСНОВА НА КОИШТО СЕ ОДЛУЧУВА СЕ СОГЛАСНО ПОДАТОЦИТЕ И АНАЛИЗИТЕ ОД СТРУЧНИТЕ СЛУЖБИ И ВО КОНСУЛТАЦИЈА СО УПРАВАТА ЗА ЕЛЕКТРОНСКО ЗДРАВСТВО, ЗА ОБЕМОТ НА РАБОТЕН АНГАЖМАН КОЈ ДОСЕГА ГО ИМАЛЕ ДОКТОРИТЕ, КАКО И ВРЗ ОСНОВА НА МОМЕНТАЛНАТА ЕКИПИРАНОСТ СО КАДАР ВО КОНКРЕТНАТА УСТАНОВА. ПАРАЛЕЛНО, ТЕНДЕНЦИЈАТА Е СОГЛАСНО МОЖНОСТИТЕ ДА СЕ ОСТАВИ ПРОСТОР ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ И НА ПОМЛАДИТЕ ДОКТОРИ“ ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО.

Од ваквите одлуки на министерот на здравство најпогодени биле специјалисти, субспецијалисти, професори и примариуси вработени во Клинички центар.

Точна бројка имаат во Синдикатот, но не сакаат да ја откријат во јавноста.

Извор: ТВ Телма Петар Догов 11.07.2022