МИСЛЕЊЕ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОПИСИ И ПРАВНИ ПРАШАЊА НА ССКЦ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Според законот Министерот за здравство и директорите немаат дискреционо право да донесат одлука за престанок на работниот однос на здравствени работници и соработници кои дале согласност за продолжување на договорот за вработување најмногу до 67 години возраст

Според законот директорите на здравствените установи  и министерот за здравство немаат дискреционо право да не им го продолжат договорот за вработување на здравствените работници и соработници кои ги исполниле условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст, доколку тие се согласни да им се продолжи работниот однос.

Дискреционо право е кога на некој со закон му е дадено овластување единствено тој да одлучува за одредено конкретно право, што во член 204-а од Законот за здравствената заштита (ЗЗЗ) не е случај, односно со тој член е утврдена друга постапка.

Ставот 1 од членот 204-а од ЗЗЗ утврдува дека „заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник, односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на Договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнува условите за стекнување на старосна пензија, најмногу до 67 години возраст“, а ставот 2 од истиот член утврдува дека одлуката на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник, односно здравствениот соработник ја потврдува министерот за здравство.

Од ова произлегува дека членот 204-а од ЗЗЗ не им дава овластување на директорот на здравствената установа и министерот за здравство да одлучуваат за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник и соработник најмногу до 67 години возраст.

Правото на продолжување на работниот однос до најмногу 67 години возраст го има здравствениот работник, односно соработник, (кое го остварува со давање претходна согласност за продолжување на работниот однос), а не директорот на здравствената установа или министерот за здравство.

Од овие јасно утврдени облигаторни права на директорот на здравствената установа (да донесе исклучиво одлука за продолжување на договорот за вработување) и на министерот за здравство (да ја потврди позитивната одлука на директорот за продолжување на работниот однос) законот не утврдил критериуми како основ за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник и соработник.

Истовремено, законот не им дава право на директорот на здравствената установа и министерот за здравство да со подзаконски акт го уредуваат продолжувањето на работниот однос до најмногу 67 години возраст на здравствениот работник и соработник.

Од сето ова произлегува дека одлуката на директорот на здравствената установа по препорака или без препорака на министерот за здравство е СПРОТИВНА НА ЗАКОНОТ.

КОМИСИЈА ЗА ПРОПИСИ И ПРАВНИ ПРАШАЊА НА ССКЦ