Советот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники (ССКЦ), на седницата одржана на 25.12.2025 година, донесе Одлука за нова висина на месечната синдикална членарина во износ од 0,75% од нето платата.
Зошто сега?
Формалната одлука за висината на членарината не беше менувана 25 години — од самото основање на ССКЦ, официјалниот износ стоеше на 0,50% од нето платата. Свесни за растечките потреби на членовите, дел од синдикалните организации во рамките на ССКЦ имаа одлуки за наплата на 0,60%, но ни тоа не беше доволно за обезбедување на значајна помош.
Во меѓувреме, инфлацијата, зголемувањето на платите и трошоците за живот значително ја намалија реалната вредност на средствата во Солидарниот фонд. Одлуката на Советот ја констатира и исправаи оваа состојба — со воспоставување на единствена и формална висина на членарина за сите синдикални организации на ССКЦ.
И по зголемувањето, членарината на ССКЦ останува најниска во споредба со другите синдикати во секторот — кои наплаќаат 1% од нето платата.
Советот усвои нов Правилник за доделување парична помош од Солидарниот фонд на ССКЦ, со кој значително се подобруваат условите за остварување на правата, ги уредува следните основи за користење на Солидарниот фонд:
· Минималната исплата за подолготрајно боледување изнесува 6.000 денари — за боледување во траење од 60 до 120 дена, помошта се пресметува на основица од 12.000 денари, со процент од 50% до 100%.
· Парична помош за лекување и медицински помагала (до 12.000 денари годишно);
· Парична помош при потешки елементарни непогоди (до 12.000 денари);
· Еднократна помош при смрт на член на ССКЦ (15.000 денари);
· Парична помош во случај на штрајк;
· Парична помош при отказ поради синдикални активности и други поволности.
Оваа одлука е одговорна и долгоочекувана. Со поголеми и порамномерно собирани средства во Солидарниот фонд, ССКЦ ќе може реално да им помогне на своите членови тогаш кога тоа е најпотребно — при болест, несреќа или неправда на работното место.
Ви благодариме за доверата и поддршката. Продолжуваме да работиме за вас.
Претседател
на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија
Прим.д-р спец. Предраг Серафимоски

