Министерството за здравство, како предлагач, во Вер. 1.1. на Нацрт_Законот_Предлог-Законот за лекарска дејност објавена на ЕНЕР на 28.05.2019 година, основната нето плата за докторите на медицина ја уредило преку колективни договори, а не со коефициенти од 2,5 до 3,8 зависно од звањето на докторот на медицина помножени со просечната плата.
Изготвувачот, Лекарската Комора на Република Македонија дава забелешки на оваа Верзија на Нацрт-Предлог Закон за лекарска дејност со што прифаќа да се започне постапката за носење Закон за лекарска дејност.
1. Мислење
Кога Ресорното Министерство уште на почетокот е со јасен став по одредено прашање, со голема сигурност е тој став да биде преточен во Законот.
За потсетување, Синдикатот на Клинички центар аргументирано и со многу забелешки се спротистави на Предлог Законот за здравствената заштита на јавната расправа одржана во Деканатот на Медицински факултет, Скопје во октомври 2014 година. Исходот е добро познат. Законот за здравствената заштита се донесе во собраниска процедура без да се усвои ниту една суштинска забелешка на Синдикатот на Клинички центар.
Синдикатот на Клинички центар, исто така учествуваше во изготвување на Предлог Закон за сестринска дејност. Со едноставно објаснување дека не постои Закон за докторска дејност, пратениците-доктори од тогаш владеачкото мнозинство во Собранието на Република Македонија во целост го отфрлија Предлог Законот за сестринска дејност.
Очигледно, праксата покажува дека при носење на законски решенија, забелешките и јавните расправи немаат скоро никакво влијание.
Согласно изнесеното, мое мислење е дека Вер. 1.1. на Нацрт Законот_Предлог-Законот за лекарска дејност од 28.05.2019 година треба да се повлече од понатамошна постапка се додека во Нацрт Законот_Предлог-Законот за лекарска дејност уште на почетокот не се утврди основната нето плата со коефициенти од 2,5 до 3,8 зависно од звањето на докторот на медицина помножени со просечната плата.
2. Одговорност на Лекарската комора
Претпоставувам дека на колегите од Лекарската комора добро им е познато дека со давањето забелешки, дале легитимитет и можност на Вер. 1.1. на Нацрт_Законот_Предлог-Законот за лекарска дејност од 28.05.2019 година да влезе во понатамошна процедура.
Се поставува прашањето на одговорноста која ја превземаат колегите од Лекарската комора на Република Македонија доколку се донесе Закон за лекарска дејност без да се усвои нивната забелешка за основната нето плата.
Како замислуваат колегите од Лекарската комора, дека едноставно ќе речат дадовме забелешка, но истата не се усвои.
Колеги од Лекарска комора не се поигрувајте со судбината на докторите на медицина и не учествувајте во носење Закон за докторска дејност без утврдување на основната нето плата со коефициенти од 2,5 до 3,8 зависно од звањето на докторот помножени со просечната плата или доколку веќе учествувате и не успеете да се изборите во Законот за докторска дејност да биде утврдена основната нето плата со наведените коефициенти, би било коректно спрема докторите на медицина јавно да се произнесете дека сте против таквиот закон и дека истиот за Лекарската комора не е прифатлив .
3. Посакувам да не бидам во право
Оставам времето да ме демантира, и овој мој став да не е исправен. Со задоволство ќе истакнам дека сум погрешил и јавно ќе им се извинам на колегите од Лекарската комора и ќе им честитам на мудроста. На пратениците и на Министерството за здравство ќе им честитам на храброста за донесениот Закон за докторска дејност во кој основната нето плата на докторите на медицина ќе биде утврдена со коефициенти од 2,5 до 3,8 зависно од звањето на докторот помножени со просечната плата, и која понатака ќе биде основ во колективното договарање помеѓу синдикатите во здравството и Ресорното Министерство.
Скопје, 14.06.2019 година
Претседадел на Самостојниот синдикат на Клинички центар
д-р супспец. Горан Беговиќ dr. sci.