Пред неколку дена е потпишан анекс на колективен договор за зголемување нa платите на здравствените работници. Што претставува и какво значење има овој договор и од кога стапува на сила?
Во Синдикатот зголемувањето на платите на докторите, особено докторите специјалисти кои беа таргет во Програмата на Владата 2017-2020 година покачувањето на коефициентот на сложеност од 25% опфатено со новиот Анекс на Колективен договор го цениме како значително и суштинско. Покачувањето на коефициентот на здравствените работници со средно, више и високо стручно образование (медицински сестри, акушерки, медицински лаборанти, радиолошки технолози и сл.) од 10% го сметаме коректно согласно ветената програма за двојно зголемување на платите на овој профил здравствени работници. Овој Анекс на Колективен договор ќе почне да се применува со февруарската плата во 2020 година.
Кои се придобивките кои што може да ги очекуваат здравствените работници од овој договор?
Првенствено кај здравствените работници доведува до едно чувство дека почнува соодветно да им се вреднува работата и степенот на образование, што ќе доведе до зголемена мотивираност на здравствените работници во извршувањето на својата тешка и одговорна работа. Истовремено се подобрува девалвираниот и до скоро деградиран статус на професијата во општеството, и се зголемува дигнитетот на професијата. Притоа, од суштинско значење е која е добивката од овој и ваквите слични договори за пациентот како главна алка на здравствениот систем за кој истиот се воспоставува и организира. Здравствениот систем се потпира на три столба: пациент, материјални добра и давател на услуга.
Единствено добро мотивирани здравствени работници можат да дадат квалитетна услуга, односно, здравствени работници кои се чувствуваат соодветно наградени за својата работа. Сето ова, сигурно ќе даде придонес и ќе биде голем поттик за намалување на миграцијата на докторите и медицинските сестри од државата, и со тоа ќе се намали недостигот на овој неопходен кадар за нормално функционирање на здравствениот систем.
Дали сте задоволни и дали може да направите споредба со мерките во минатото во однос на здравствените работници?
Одговорот ќе биде врз постоечките факти, и моето размислување околу ова прашање е базирано и е врз основа на тие факти. Прв факт е дека во периодот од 2018 година до 2020 година се остварени следните покачувања на основната плата: За доктори специјалисти, примариуси, супспецијалисти и доктори на науки – 40%, за наставно-научниот кадар – 35%, за доктори по општа медицина, доктори на државна специјализација и доктори со магистериум – 25%, за здравствени работници со средна, виша и висока стручна спрема (медицински сестри и сродни профили) – 23%, за болничар-гипсер, протетичар, болничар за нега на болен со средна стручна спрема – 23%, за здравствени соработници – 15%, за помошно-техничкиот персонал (транспортери, хигиеничари, мајстори, чувари- обезбедување и сл.) – 15%, и за административниот персонал – 10% (заедно со покачувањето на останатиот административен персонал во државата).
Покачувањето на дежурствата на докторите во универзитетските клиники и институти во Клинички центар „Мајка Тереза“, кои не беа опфатени со претходното покачување е следното: на хируршките гранки од 84% од саатнината за редовно работно време во работните денови на 170%, односно од 142% од саатнината за редовно работно време за време на празник на 227% во викенд и празник. Во интернистичките гранки обично дежурство (од понеделник до петок) од претходните 67% од саатнината за редовно работно време во работните денови на 127%, а за дежурство во викенд и празник од претходните 142% за викенд, сега дежурниот доктор има право на додаток на плата во износ од 170% од саатнината за редовно работно време во работните денови.
Ова покачување на дежурствата е соодветно на покачувањето на дежурствата во Универзитетските хируршки клиники и КАРИЛ, кои се во состав на зградата на хирургија во кампусот „Мајка Тереза“, односно во Клиничкиот центар од 2016 година. Ноќниот труд, односно покачувањето на основната плата на работникот која се зголемуваше по час за работа ноќе (помеѓу 22 часот и 06 часот наредниот ден) за 29% сега се зголемува за 50%.
Како второ, во периодот од 2014 до 2017 година се остварени следните покачувања на основната плата: во октомври 2014 година за сите вработени во здравството заедно со покачување на платите на сите вработени во јавната администрација во државата – 4%; во ноември 2014 година покачување на платите на докторите специјалисти и наставно-научен кадар од 19,2%; во март 2016 година покачување на платите на здравствените соработници (логопеди, психолози, биолози, хемичари, биохемичари и сл.) од 11,10%, доктори на медицина и доктори на медицина на специјализација, дипл. фармацевти од 11,10, и доктори на науки од областа на природните немедицински науки од 14,5%; признаено високото стручно образование со коефициент од 2,617; покачување на дежурствата во Универзитетските хируршки клиники и КАРИЛ, кои се во состав на зградата на хирургија во кампусот „Мајка Тереза“, односно во Клиничкиот центар согласно претходно наведените покачувања на коефициентите за дежурства во хируршките гранки.
Основната бруто плата на вработените во здравството се пресметува кога основниот бод за пресметка се множи со коефициентот на сложеност за одредено работно место за полно работно време и нормален работен учинок, која потоа по стандардна постапка се пресметува во нето плата која вработениот ја добива како плата. Со покачувањето на коефициентот на сложеност се покачуваат и додатоците на плата (минат труд, сложеност на работа, дежурство и др.).
Коефициентот на сложеност на доктор специјалист на Клинички центар (терциерно здравство) од 4,562 во 2014 година е покачен на 6,273 со новиот Анекс на Колективен договор од 02.01.2020 година, а најниската плата за најнизок степен на сложеност (основен бод за пресметка) од 12654 во 2014 година е покачена на 13352 во 2019 година, кој основен бод за пресметка е и сега важечки.
Согласно овие пресметки, претходната основна нето плата на доктор специјалист од 38467 денари во 2014 година, ќе се покачи на 55452 денари со февруарската плата во 2020 година.
На здравствените работници со средно стручно образование коефициентот на сложеност им е покачен од 2,149 на 2,516, на здравствените работници со више стручно образование од 2,324 на 2,761 и на здравствените работници со високо стручно образование од 2,617 на 3,109.
Согласно овие пресметки основната нето плата на медицинска сестра со средно стручно образование во Клинички центар е покачена од 18543 денари на 22720 денари, на медицинска сестра со више стручно образование од 19989 денари на 24855 денари и на медицинска сестра со високо стручно образование од 22407 денари на 27885 денари.
Паричната надокнада за дежурство на доктор специјалист во хируршките гранки во работните денови е покачена од 1353 денари на 3907 денари, а во викенд и празник од 4574 денари на 10435 денари, а паричната надокнада за дежурство на доктор специјалист во интернистичките гранки во работните денови е покачена од 1079 денари на 2924 денари, во викенд и празник од 4574 на 7814 денари. Ова се однесува на оние дежурни доктори во Клинички центар на кои претходно не им се покачи паричната надонада за дежурство.
Паричната надокнада за ноќен труд на доктор е покачена од 467,10 денари во 2014 година на 1260 денари во февруари 2020 година. Паричната надокнада за ноќен труд на медицинска сестра со средно стручно образование е покачена од 244 денари на 442 денари, за медицинските сестри со више стручно образование од 263 денари на 476 денари и на здравствените работници со високо стручно образование од 295 денари на 617 денари.
Кога би ги анализирале претходните податоци, и би се осврнале на Програмата на Владата од 2017 до 2020 година во делот на здравството би можеле да истакнеме дека со февруарската покачување на платите, за докторите специјалисти во Клинички центар основната плата од 100000 денари заедно со другите додатоци и дежурствата е реално остварлива, а за медицинските сестри, зависно од степенот на образование, во просек основната плата заедно со додатоците и ноќниот труд е околу 28000 денари.
Од изнесеното, видливо е значењето и влијанието на програмата на Владата 2017-2020 за овие покачувања на платите на здравствените работници од 2018 до 2020 година, поради што би препорачале партиите во своите предизборни програми, покрај другите мерки да утврдат и мерки за идната политика на платите во здравството.
Каква е соработката со Министерството за здравство и кои се вашите очекувања во иднина?
Соработката би ја поделил на два различни периоди и согласно тоа ќе биде мојот одговор и очекувања во иднина. Периодот на постоење и остварување на социјален дијалог, кој би го оценил како извонредно конструктивен, плоден и корисен за двата социјални партнери. За цело време при овие преговори се разменуваа мислења и аргументи од двете страни. Иако, не успеавме да оствариме се што од нас бараа нашите членови, особено за административниот персонал, во целина гледано поголемиот дел од нашите предлози беа прифатени. Притоа имавме и три средби со Премиерот во врска со нашите барања и проблеми. Периодите на застој во социјалниот дијалог беа после нашите јавни спротивставувања на проектите јавно-приватно партнерство кои се однесуваа на централизацијата на лабораториите и стерилизацијата и Детската кардиохирургија. Периоди непродуктивни и за нас во синдикатот и за Министерството за здравство, при што најголеми губитници беа вработените во здравството, а крајно гледано пациентите како корисници на здравствените услуги, кои ги остваруваат од тие вработени.
За колку поконкретно ќе се зголеми платата на лекарите со последните измени?
Од 44517 денари на 55412 денари во основната нето плата за доктор специјалист во Клинички центар.
Што значи борбата за правата на здравствениот административен персонал и кои мерки се преземаат околу тоа?
За жал, за цело време во периодот од 2018 до 2020 година нашата администрација во делот на покачување на платите беше опфатена и планирана со покачувањето на платите на останатите административни работници, па и покрај сите настојувања и преговори не успеавме да ги издвоиме покачувањата на платите на нашите административни работници од останатите во државата.
Во наредниот период борбата за правата на здравствениот административен персонал ќе биде во две насоки, прво како дел од здравствениот систем и дел од нашиот Колективен договор да ја покачуваат платата како и другите профили во здравството и како второ, да ја изземеме нашата, здравствена администрација од останатата администрација.