Медицинскиот персонал во принцип секогаш треба да се бори. Ние како Синдикат се бориме за правата на нашите вработени и членови. Идеално не постои, секогаш постои една борба помеѓу нас и оние што се одговорни за тоа да ни го овозможат. Во моментов има една актуелна состојба каде што секој петти, шести заразен од КОВИД 19 е здравствен работник. За нас тој процент не е прифатлив, изјави за Утрински брифинг Д-р Горан Беговиќ од медицинскиот синдикат.
-Одговорните велат дека се е во ред, дека се функционира како што треба, почнувајќи од министерот до Комисијата за заразни заболувања и ДСЗИ која ги прави контролите.
Тие укажуваат дека здравствените работници неправилно ги применуваат тие протоколи и несоодветно ја користат заштитната опрема. Јас не би се сложил со таа констатација и мислам дека не е така. Мислам дека тој проблем е поголем и мислам дека од двете страни треба соодветно да се разгледа.
Околу процентот на заразени здравствени работници е клучниот акцент. Единствено пред нас е Шпанија, вели Беговиќ.
-Не е како претходно. Порано проблемот беше многу поголем. Бевме позапоставени и требаше да прифатиме некои работи од тогашното Министерство за здравство. Има промени околу покачувањето на платите, но не можам да кажам дека се е идеално. Далеку од тоа, изјави Беговиќ околу тоа дали надлежните имаат слух за реакциите на синдикатите.
Сега се докажува дека Јавното здравство е двигател во секоја држава и во однос на социјалниот мир и во однос на економијата. Ресорното министерство порано се спротивставуваше на таа наша поставеност, но сега за жал имаме можност да видиме што значи едно квалитетно Јавно здравство. Тоа е неопходно на сите држави во светот, изјави за Утрински брифинг д-р Беговиќ.
Извор: Слободна ТВ Утрински брифинг Април 30, 2020 08:35