Синдикатот на Клинички центар завзема став отсега и во иднина предизборно да ги информира јавноста и партиите кои претендираат да ја водат државата во наредните 4 години за барањата на своите членови, истите оние кои се најизложени во битката со тековната пандемија, се вели во соопштението на ССКЦ.
„Со должна почит и желба за добро здравје, длабоко им се извинуваме на граѓаните што оваа информација ја споделуваме во оваа крајно тешка и сериозна состојба во која се наоѓа нашата држава, но тоа се должи на официјалниот почеток на предизборната кампања.
Неоствареното на ветеното, Министерот за здравство јавно го прикриваше со прикажување на податоци на бруто плата, „просечна бруто плата“ (непознат термин ниту во законските одредби, ниту во колективните договори кога се зборува за плата), а особено со прикажување на бруто плати на исклучително мал број доктори, кои оствариле огромен број месечни дежурства од кои некои и актуелни директори на клиники, но и доктори кои прекувремено работеле во други јавни здравствени установи во државата, поради недостиг на специјалисти во тие установи.
За појаснување, дежурството не е дел од основната плата и полното работно време содржани во договорот за вработување, туку е додаток на плата и е прекувремена работа. Сигурни сме дека за здравствените работници има и други, многу полесни и помалку одговорни начини за дополнителен приход од дежурство.
Кога се говори за плата, секогаш се мисли на нето плата, односно на онаа плата која работникот ја добива и му е на располагање.
Со сите покачувања, доктор специјалист во Клинички центар има 55370 денари основна нето плата, медицинска сестра со средно стручно образование 22701 денар основна нето плата, а медицинска сестра со високо образование 27857 денари основна нето плата, што е далеку од ветените 100000,00 денари плата за доктор специјалист, и двојното зголемување на платите на медицинските сестри.
Не се оствари ниту ветениот бесплатен паркинг или најмногу до 200 денари за вработените во Клинички центар како што вети Министерот, ниту се реализира концептот за функционално единствен Универзитетски Клинички центар.
Независно од претходното, истакнавме дека во принцип сме задоволни од остварените покачувања на платите на вработените во Универзитетскиот клинички центар и во другите јавни здравствени установи.
Но, она од кое најмногу сме задоволни е новината да првпат некоја партија во својата изборна програма понуди покачување на платите на здравствените работници, кое според нас се покажа како добра практика.
Со ова се створи основ, Синдикатот на Клинички центар во изминатиот период директно да партиципира, но и за цело време да ја потсетува Владата за реализација на изборното ветување за покачување на платите на здравствените работници.
Поради претходно изнесеното, Синдикатот на Клинички центар е на мислење дека барањата на нашите членови треба да бидат вклучени во изборните програми на партиите во делот на здравството.
Од овие причини пред почетокот на изборната кампања преку медиуми ја информираме јавноста и партиите за најбитните барања на нашите членови, а тоа се:
- Двојно зголемување на платите на здравствените работници и соработници во текот на 4 годишниот мандат, а при секое покачување да се планира и покачување за помошно-техничкиот и административниот персонал,
- Изземање на здравствената администрација од останатата јавна администрација,
- Паркингот на Клинички центар да е бесплатен за вработените или да е најмногу 200 денари,
- Бенефициран работен стаж за здравствените работници и соработници,
- Годишниот одмор да се зголеми за 10 работни дена, односно законски одредениот максимален број денови за годишен одмор да изнесува 36 работни дена,
- Да се донесе Закон за докторска дејност кој ќе ја утврди основната нето плата на докторите преку коефициентите од 2,5 до 3,8 помножени со просечната плата, согласно Предлог текстот од Лекарска комора од 21.04.2016 година,
- Да се донесе Закон за сестринска дејност,
- Ковид 19 да стане професионално заболување за вработените во здравството.
Во оваа прилика на партиите јасно им укажуваме дека нашите членови нема да ги придобиете со општи и нејасни ветувања, како што се инвестирање во капацитетите на јавното здравство, вложување во нивната едукација, без притоа конкретно да се произнесете за она што нив најмногу ги засега, а тоа е јасно дефинирање на планираното покачување на нивните плати.
Пандемијата покажа колку е важно да ги сочуваме здравствените работници во јавното здравство, особено во моменти кога постои голем одлив на доктори и медицински сестри од државата. Секому е јасен главниот мотив за оваа нивна одлука, особено во услови на огромен недостиг и побарувачка на овој високостручен кадар во скоро сите високоразвиени земји во Европа и во светот.
Доследни на својата практика, Синдикатот на Клинички центар до завршување на изборниот процес, своите ставови нема да ги изнесува во јавноста“, порачуваат од ССКЦ.