Одлука на Влада на РСМ за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија (Службен весник 1 Април 2021 Бр. 72 – Стр. 1)

1082.

Врз основа на член 31 став 1 од Законот за управување со кризи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/05, 36/11, 104/15, 39/16 и 83/18), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 1 април 2021 година, донесе

ОДЛУКА ЗА ПОСТОЕЊЕ НА КРИЗНА СОСТОЈБА НА ДЕЛ ОД ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗАРАДИ ВИСОК РИЗИК ОД ЗГОЛЕМЕН ОБЕМ НА ВЛЕЗ И ТРАНЗИТИРАЊЕ НА МИГРАНТИ НИЗ ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЗАРАДИ ЗАШТИТА НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ ОД ИЛЕГАЛНА МИГРАЦИЈА ВО УСЛОВИ НА ПОСТОЕЊЕ НА ПАНДЕМИЈА ПРОГЛАСЕНА ОД СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА ВИРУСОТ SARS-COV-2 И СПРЕЧУВАЊЕ ОД НЕГОВО ШИРЕЊЕ, СО КОИ СЕ ЗАГРОЗУВА БЕЗБЕДНОСТА, ЗДРАВЈЕТО И ИМОТОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО 

Член 1

Со оваа одлука се утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија и тоа на подрачјата на јужната и северната граница на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за вирусот SARS-CoV-2 и спречување од негово ширење, со кои се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението.
Мерките и активностите согласно утврдената кризна состојба ќе се преземаат на подрачјата од територијата на Република Северна Македонија кои се зафатени со кризната состојба и каде се манифестираат причините наведени во став 1 на овој член.

Член 2

Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.
Главниот штаб при Центарот за управување со кризи од 2 април 2021 година до 24.00 часот да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување.

Член 3

Органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.

Член 4

Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила.

Член 5

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Службен весник 1 Април 2021 Бр. 72 – Стр. 1

Scroll to Top