Стратегија за привлекување нови членови и нетипични вработени

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија од 24-26.06.2021 спроведе работилница на тема “Привлекување на нови членови и нетипични вработувања” на која се презентираше стратегијата со која КСС сака да направи промена во однос на можностите за  членување во синдикат, односно за привлекување на нетипичните форми на вработувања или лицата кои работат на работни места кои се различни од она што го знаеме како стандардно вработување на неопределено време.

На работилницата беа присутни претседатели и синдикални членови од сите грански синдикати при КСС, а целта беше да им се презентира стратегијата со која во следниот период ќе се работи на привлекување на нови членови кои работат на платформи, самовработени, работници на определено време, работници со таканаречени “договори на нула часови” и други.

Се водеше конструктивна дискусија и се дадоа многу предлози за тоа кои се целните групи, кој е начинот на пристап кон различните целни групи, имаше предлози за се она каде КСС како синдикат треба и може да направи промени за да се унапреди синдикалното делување.

Предавачи на работилницата беа професорот по трудово право Лазар Јовевски, Претседателот на СОНК, Јаким Неделков и Претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Секако присутни и со свое излагање беа и претставници на Меѓународната организација на трудот – МОТ кои ја поддржаа оваа активност како една од многуте  на проектот спроведуван од страна на КСС, а го финансира МОТ.

Сите работници имаат право да членуваат во синдикат и нивните работнички права да бидат заштитени, загарантирани и унапредени, имајќи во предвид дека во последните неколку години забележуваме огромно прекршување на работничките права и слободи.

Темата за нетипичните вработувања и можностите за нивното синдикално организирање на глобално ниво се дискутира веќе подолг период и можеме да увидиме дека со различните флуктуации на работниците, промените на пазарот на трудот и дигитализацијата се менуваат многу работи за кои загриженост изразуваат и светските и европските синдикални централи.

КСС како дел од тие конфедерации на синдикати е засегнат од истото и се обидува синдикалната заштита да ја обезбеди и да биде достапна за сите работници независно од нивното работно место, видот на договорот и слично.

Од КСС 26.06.2021 година

Scroll to Top