Закон за изменување и дополнување на Законот за управување со кризи Сл. весник Бр. 215 16 Септември 2021

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ

Член 1

Во Законот за управување со кризи („Службен весник на Република Македонија“ брoj 29/2005, 36/11, 41/14, 104/15, 39/16 и 83/18), во член 28 ставовите 1 и 2, се менуваат и гласат:

„Вработените во Центарот кои вршат административни работи имаат статус на административни службеници.

За прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените од ставот 1 на овој член кои не се уредени со овој закон и со колективен договор, се применуваат одредбите од Законот за административни службеници и општите прописи за работните односи.“.

По ставот 2 се додаваат два нови става 3 и 4, кои гласат:

„Вработените во Центарот кои вршат помошни и технички работи имаат статус на помошно-технички лица.“.

„На помошно-техничките лица во Центарот се применуваат одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работните односи.“.

Ставот 3 станува став 5.

Член 2

По членот 28 се додава нов член 28-а, кој гласи:

„Член 28-а

На вработените кои вршат работи од работните места поврзани со функционирањето на единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повик-јавување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката, (Е-112), поради специфичноста на работите и работните задачи, посебните должности и овластувања дадени во описот на работните задачи за извршување, основната плата и додатокот на плата за звање им се зголемува за 30%. 

На вработените кои вршат работи од работните места од ставот 1 на овој член, со користење на англискиот јазик, основната плата и додатокот на плата за звање им се зголемува за 35%.“.

Член 3

Во член 40 по ставот 2 се додаваат пет нови ставови 3, 4, 5, 6 и 7, кои гласат:

„Владата со уредба ги пропишува организацијата и функционирањето – воспоставувањето на единствениот комуникациско – информативен систем со единствен број на повик-јавување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката, (Е-112).

Заради брз, ефикасен и целосен одговор при повикјавување во случај на ризици, опасности или други несреќи на целата територија на Републиката, (Е-112), а со цел заштита на суштинските интереси на пријавителот или на друго физичко лице, итно давање и пружање на помош на повикувачот или реакција во врска со пријавена опасност, од страна на Центарот како контролор согласно со прописите за заштита на личните податоци, преку единствениот комуникациско – информативен систем се обработуваат лични податоци за физичките лица кои се јавиле на Е-112 и тоа: идентификација на повикувачкиот број и лицето кое се јавува (име и презиме), податоци за локација на повикувачот и снимање на разговорот на итниот повик.

Личните податоци од ставот 4 на овој член кои се предмет на обработка, можат да бидат дадени од страна на Центарот во судска постапка или во секоја фаза од кривична постапка што ја води надлежен орган само врз основа на релевантно правно барање од надлежен суд или надлежен орган во кое се наведува постапката за која се бараат податоците, согласно со закон.

Личните податоци од ставот 4 на овој член се чуваат една година од денот на реализација на повикот, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок во кој се содржани заштитни мерки за заштита на правата и слободите на субјектите на личните податоци кои се јавиле на бројот Е-112.

Центарот е должен да обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на субјектот на лични податоци соодветно на ризикот на обработката, при што мора да примени технички и организациски мерки за заштита од случајно или незаконско уништување на личните податоци или нивно случајно губење, преправање, неовластено откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка.“.

Член 4

Во член 51-а во алинејата 5 зборовите: „Етичкиот кодекс на државните службеници“ се заменуваат со зборовите: „Кодексот на административни службеници“.

Член 5

Во член 53 во ставот 3 зборовите: „раководните државни службеници“ се заменуваат со зборовите: „раководните административни службеници“. 

Член 6

Подзаконскиот акт предвиден со овој закон, ќе се донесе во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 7

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. 

Службен весник 16 септември 2021 Бр. 215 – Стр. 131-133

Scroll to Top