Синдикатот на Клинички центар го поддржува покачувањето на минималната плата на 18000,00 денари и бара скалесто покачување на останатите плати.
Доколку постојните колективни договори не се усогласат со минималната плата најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за минимална плата согласно член 8 од Законот за минимална плата, одредбите од колективните договори на кои се однесува Законот престануваат да важат.
Најниската плата за најнизок степен на сложеност за полно работно време и нормален учинок согласно Спогодбата потпишана помеѓу Министерот за здравство и репрезентативниот синдикат која сега изнесува 14090,00 денари не може да биде пониска од минималната плата утврдена со Законот за минимална плата. Таа е основата со која согласно Колективниот договор се утврдува платата на сите вработени во јавните здравствени установи зависно од нивниот коефициент на сложеност.
Со покачување на минималната плата без скалесто покачување на останатите плати се врши изедначување или приближување и несоодветен сооднос во месечните примања на различни профили занимања.
Со ова се нарушува основниот принцип на Колективниот договор, а тоа е правилното вреднување на степенот на образование, кое ја одредува сложеноста и одговорноста на работното место.
Практиката на покачувањето само на минималната плата без доследна примена на законските одредби за скалесто покачување на останатите плати доведува до оправдана реакција на останатите вработени, нивна демотивираност и намалена продуктивност и работна успешност.
Каква ќе биде емпатијата, грижата, и љубезноста на медицинската сестра со средно стручно образование кон пациентите кога се знае дека нејзината основна плата е приближна на висината на сега покачената минимална плата.
Крајниот резултат од покачувањето на минималната плата без скалесто покачување на останатите плати е Колективен договор кој e спротивен на Закон и e неважечки, намалена желба за стручно усовршување и континуирана медицинска едукација на здравствените работници и соработници и дополнителна причина за одлив на доктори и медицински сестри од јавното здравство.
Скопје, 10.02.2022 година