Мирување на работен однос

Прашањето во врска со мирувањето на работниот однос е уредено со Законот за работните односи, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за здравствена заштита.

Според член 152 став 1 од Законот за работните односи, на работник кој е упатен на работа во странство во рамките на меѓународно-техничка соработка, просветно-културна и научна соработка, во дипломатски и конзуларни претставништва, на стручно усовршување или образование со согласност и за потребите на работодавачот, му мирува работниот однос и има право во рок од 15 дена од денот на престанување на работата во странство да се врати на работа кај работодавачот за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Во став 3 на истиот член од Законот, е утврдено дека на работник чиј брачен другар е упатен на работа  во странство во случаите од став 1 на овој член, на негово барање, му мирува работниот однос и има право во рок од 15 дена од денот на престанувањето на работата на неговиот брачен другар во странство да се врати на работа кај работодавачот за вршење работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Според став 1 на член 4 од Законот за работните односи, овој закон се применува врз работните односи меѓу работодавачите кои имаат седиште или престојувалиште во Република Македонија и кај нив вработените работници, кога работата постојано се врши на територијата на Република Македонија, како и во случаите кога работодавачот привремено ќе го упати работникот на работа во странство.

Одредба во врска со правото на мирување на работниот однос е утврдена и во член 31 од Законот за вработените во јавниот сектор.

Според став 1 на овој член, на вработените во јавниот сектор кои се именувани на јавна функција утврдена co закон, кои се упатени на работа во странство во рамките на меѓународна, техничка, просветна, здравствена, културна, научна или друг вид на соработка, односно кои се упатени на работа во дипломатско или во конзуларно претставништво, им мируваат правата и должностите од работниот однос.

Според став 3 на овој член, на вработените чии брачни другари се упатени на работа во странство во рамките на меѓународна, техничка, просветна, здравствена, културна, научна и друг вид на соработка, односно кои се упатени на работа во дипломатско или во конзуларно претставништво,  им мируваат правата и должностите од работниот однос.

Според став 4 на овој член, вработените од ставот 3 на овој член имаат право во рок од пет работни дена по престанувањето на работата на нивните брачни другари во странство да се вратат во институцијата од каде што заминале на работно место најмалку на исто ниво co нивото на кое биле пред да заминат во странство.

Одредба во врска со правото на мирување на работниот однос на брачниот другар е утврдена и во став 2 од член 179 од Законот за здравствената заштита, кој утврдува дека на здравствениот работник, односно здравствениот соработник чиј брачен другар е упатен на работа во странство во рамките на меѓународно-техничка или просветно-културна и научна соработка, во дипломатски и конзуларни претставништва, на негово барање му мирува вработувањето и има право во рок од 15 дена од денот на престанувањето на работата на неговиот брачен другар во странство да се врати во здравствената установа од каде што заминал во странство на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

Имајќи го во предвид наведеното, Комисијата за прописи и правни прашања на ССКЦ е на следното

М И С Л Е Њ  Е

Со претходно цитираните закони е уредено прашањето во врска со мирувањето на работниот однос, односно утврден е законски основ и можност за остварување на правото на мирување на работниот однос.

Во наведените закони е утврден основ за користење на право на мирување на работниот однос на вработен чиј брачен другар е упатен на работа во странство, согласно законот.

Вработените чии брачни другари се упатени на работа во странство во рамките на меѓународна, техничка, просветна, здравствена, културна, научна и друг вид на соработка, односно кои се упатени на работа во дипломатско или во конзуларно претставништво,  им мируваат правата и должностите од работниот однос.

Неплатеното отсуство не е на товар на работодавач на работникот кој бара мирување на работниот однос поради упатување на брачниот другар.

Трошоците за патување, сместување и престој на двајцата брачни другари се на товар на работодавачот на брачниот другар кој се упатува на работа во странство.

Времетраењето на неплатеното отсуство од работа на работникот чиј брачен другар е упатен во странство, односно мирувањето на неговиот работен однос е соодветно на времето за кое брачниот другар е упатен во странство во рамките на меѓународна, техничка, просветна, здравствена, културна, научна и друг вид на соработка, односно кои се упатени на работа во дипломатско или во конзуларно претставништво со право во рок од пет работни дена по престанувањето на работата на брачниот другар во странство да се врати во институцијата од каде што заминал на работно место најмалку на исто ниво co нивото на кое бил пред да замине во странство.

Скопје, 29.04.2022 година

Комисија за правни прашања и прописи на ССКЦ

 

Scroll to Top